Мицкоски: По изборите ќе се занимавам со корупцијата во судството и обвинителството

На вечерашниот митинг во Струга, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави дека по локалните избори ќе се посвети на борбата против корупцијата во судството и обвинителството, истакнувајќи дека тоа е клучниот бастион на криминалот во државата. Тој посочи дека СДСМ и ДУИ, според него, ќе се обидат да ги заштитат своите позиции и да избегнат одговорност,

– Судството и обвинителството денеска служат како заштита на корумпираните функционери. Секој случај што го поднесовме завршува без обвинителен акт, бидејќи недостасува волја, а во институциите главни се аргатите на СДСМ и ДУИ, подвлече Мицкоски.

Лидерот на опозицијата нагласи дека корумпираните политичари не можат да бидат одговорни без поддршка од корумпирани обвинители и судии. Тој најави реформи кои, како што рече, ќе ја откријат вистината и ќе ја вратат правдата во земјата.

Мицкоски исто така го коментираше и, како што рече, тајниот договор меѓу Левица и ДУИ за одржување на нивната позиција во Струга, за што според него целта е дисипација на анти-ДУИ гласовите и поделба на граѓаните.

– Стружани имаат два избори: да се вратат кон темното минато на криминал и корупција или да изберат чесни кадри кои ќе се борат против трулиот систем. Вистинскиот избор е советничката листа предводена од професорот Коста Хиохи, нагласи Мицкоски, додавајќи дека со поддршка на оваа листа ќе се обезбеди развој и подобрување на условите за живот во Струга.

Мицкоски најави конкретни проекти кои ќе бараат да се реализираат со поддршка од Советот: целосна реконструкција на водоводната мрежа, изградба на катна гаража и нова градинка за намалување на листата на чекање од 400 деца.

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓоргија Сајкоски, ги повика стружани на локалните избори да го поддржат бројот 9 и да донесат нова надеж за градот, со цел да се овозможи подостоинствен живот и реализација на проекти за развој.

Носителот на советничката листа, Коста Хиохи, го истакна фокусот на програмата на конкретни проекти за Струга: санација на дивите депонии, набавка на возила за селектирање на отпадот, ревизија и санација на водоводната мрежа, заживување на
старата струшка архитектура и изградба на катни гаражи за преку 300 возила.

Хиохи ги повика граѓаните масовно да излезат на изборите на 19 октомври и да го заокружат бројот 9 за промени, развој и подобар живот во Струга.

Back to top button
Close