Диригентката Дијана Имери Илкоска била дискриминирана од поранешниот директор на Филхармонија октомври
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди директна дискриминација врз основ на лично својство во областа на работата и работните односи од страна на Александар Котевски (поранешен В.Д. директор на НУ Филхармонија) врз Дијана Имери Илкоска.
Случајот со диригентката Дијана Имери Илкоска ја разбрани македонската јавност на почетокот на оваа година откако го изгуби своето работно место во НУ Филхармонија на РСМ. Имено, нејзиниот работен однос не бил трансформиран од определено на неопределено време од страна на тогашниот В.Д. Директор иако ги исполнувала условите за законска трансформација на работниот однос, а само неколку денови потоа ѝ бил забранет влезот во нејзината матична куќа, додека пак нејзиниот уметнички профил како диригент бил избришан од официјалната веб страница на институцијата.
Сето ова и низа други недоследности биле причина Илкоска да поднесе претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во месец март. Имајќи ги предвид наводите и доказите од претставката, наводите и доказите од поднесоците за произнесување, Комисијата донесе мислење дека во конкретниот случај е извршена директна дискриминација од страна на Александар Котевски.
Во поднесокот за произнесување Котевски не ја навел причината поради која не ја завршил започнатата постапка за трансформација, а дополнително останува спорно врз основа на каква претходна анализа и проценка го изменил првичниот став на институцијата дека постои потреба од вработувањето на неопределено време непосредно по неговото назначување на функцијата. Симптоматично е и тоа што, и покрај изменетиот став, тој сепак побарал согласност за вработување на определено време во траење од една година – Комисијата наведува во Мислењето.
Во однос на забраната, односно ограничување на влезот на Илкоска во институцијата, Котевски не докажал постоење на легитимна цел и оправданост за поставување на листа на која изрично било наведено дека подносителката може да пристапи во институцијата исклучиво со претходна дозвола. Иако комисијата оценила дека не е спорно правилото надворешните лица да влезат во објектот со најава и одобрение од директор, останува спорно зошто името на Илкоска било јавно објавено на пријавницата со дополнително нагласување дека таа може да биде пуштена во институцијата единствено со претходно одобрение, доколку ова правило важи подеднакво за сите надворешни лица.
Исто така, во однос на бришењето на уметничкиот профил на Илкоска како диригент од веб страницата на Филхармонија, Котевски не успеал да докаже дека бришењето претставува резултат на техничка грешка, а од увидот во доставениот извадок неспорно произлегува дека профилот бил последен пат уредуван (бришен и враќан) на 17.01.2025 година, односно само неколку денови по нејзината реакција и забелешка во јавноста дека профилот бил отстранет.
Оттука, имајќи ја предвид поврзаноста на сите преземени дејствија од страна на поранешниот в.д. директор Александар Котевски во релативно краток временски период, а кои биле директно насочени кон Дијана Имери Илкоска, без притоа да биде утврдена легитимна цел или оправданост за нивно преземање, произлегува дека таа била ставена во понеповолна положба во споредба со останатите колеги, поради нејзино лично својство, со што се исполнети условите за постоење на директна дискриминација во смисла на член 8, став 1 од Законот за спречување и заштита од дискриминација.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација донесе препорака Александар Котевски да ѝ се извини на Дијана Имери Илкоска за сторената дискриминација во рок од 30 дена, а доколку не постапи согласно оваа препорака, Комисијата согласно своите надлежности ќе поднесе барање за покренување на прекршочна постапка пред надлежен суд за прекршоци.