Пациенти со канцер купуваат хемо од странство, апаратот за брахитерапија е на сервис


Пациенти кои се лечат од канцер на Клиниката за онкологија јавно посочуваат дека во моментов нема ниту терапија, ниту реагенси за испитување, ниту пак работат сите апарати за зрачење поради што се принудени да се снаоѓаат кој како стигне, најчесто одејќи во соседните земји.

„Хемотерапија нема на Клиниката за онкологија, купувам од други држави, а нема ниту реагенси за тумор маркери, па морам да ги правам приватно.“

Ова сведоштво, заедно со апел за помош, неодамна го сподели на Фејсбук Д. Јакимова од Крива Паланка, која како што вели, се бори со канцер веќе подолг период.

„Во тешка ситуација сум, потребна ми е финансиска помош. На мои 46 години се разболев од рак на дојка, поминаа сите хемотерапии и кога помислив дека се спасив за неполна година канцерот се врати во многу прогресивна форма како метастази на црн дроб. Од тогаш наваму постојано сум на хемо, сите испитувања ги правам надвор од Паланка, и тоа голем дел приватно. Хемо нема на Онкологија, купувам од други држави, реагенси за тумор маркери нема, и тоа правам приватно и имам уште многу други давачки. Моето семејство не е веќе финансиски моќно да го издржи овој товар“, наведува Јакимова во објавата.

На Клиниката за онкологија признаваат дека имало проблем со недостаток на некои лекови. Директорот Игор Стојанов за Мета вели дека лекот „таксол“ го имало на клиниката, а за лекот „цисплатил“, кој го нема во моментов на располагање на клиниката, имало замена.

„Се случува некои пациенти да не профатат замена иако и таа функционира. Не би требало недостатоците да се одразат врз пациентите, сепак се работеше за минимални недостатоци. Се нормализира состојбата со лековите“, рече директорот.

Во исто време, на Клиниката има апарат за гинеколошка брахитерапија, кој во моментов не опслужува пациенти поради тоа што се доцнело со потпишување на договор за сервисирање.

„За овој апарат е потребен радиоактивен извор кој се менува на 3-5 месеци и доцневме со сервисниот договор. Имавме тендерска процедура, тоа го решивме пред 1-2 недели го нарачавме изворот. Пациентите се одложуваат, но очекуваме наскоро апаратот да биде на клиниката“, вели Стојковски.

Не се случува прв пат да има недостаток на лекови на Клиниката за онкологија и пациентите да бидат принудени да користат заменски лекови или пак, да ги бараат во странство. Пред три месеци имаше проблем со терапија за рак на бели дробови, кога директорот кажа дека проблем во тој случај бил добавувачот. Се работеше за лекот „пацитаксел“, за кој Стојковски кажа дека дистрибутерот две недели уверувал дека ќе го достават и дека се работи за нивна дистрибутивна грешка.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close