Кривична пријава за „Електродистрибуција“ ДООЕЛ Скопје и вработен за „предизвикување општа опасност“
Дебарското одделение за внатрешни работи, поднесе кривична пријава против правен субјект и вработено лице за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“.
-Кривична пријава е поднесена против правниот субјект „Електродистрибуција“ ДООЕЛ Скопје, друштво за дистрибуција на електрична енергија со седиште во Скопје и против С.С. (47) од Куманово, вработен во правното лице, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Предизвикување општа опасност“, информираше Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи-Охрид.
Според Димоски, тие, не постапиле според прописите и техничките правила и не го одржувале во исправна состојба далекуводот за селото Мал Папрадник, во општина Центар Жупа.
Со тоа, посочува тој, ги прекршиле техничките правила за мерките за заштита, поради што, на 30 август годинава на земјоделски површини во атарот на селото Мал Папрадник, настанал пожар и бил доведен во опасност животот и имотот на населението.