Вработените од „Флораком“ и „Луна“ утре на протест поради неисплатена августовска плата

Трет ден, од 10 до 12 часот вработените од  ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје и од друштвата со ограничена одговорност „Флораком“ и „Луна“, кои се фирми-ќерки на ова претпријатие, протестираа бидејќи во текот на вчерашниот ден не им беше исплатена августовската плата. Најавуваат протест и утре, на булевар „Илинден“, кај Матично.

– Се пристапи кон протест со блокирање на повеќе крстосници. На две места беше блокиран булевар „Илинден“ и мостот „Гоце Делчев“. По завршување на протестот добивме неофицијална информација, а потоа вработените ни ја потврдија дека е исплатена платата на вработените во ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје, но не е исплатена платата во „Флораком“ и „Луна“. Поради тоа утре повторно ќе има протест на ДООЕЛ „Флораком“ и „Луна“, на булевар „Илинден“, кај Матично, од 10 до 12 часот, изјави за МИА претседателот на Синдикатот на СУТКОЗ (Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално – станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва на Република Македонија) Стојанче Кашиковски. Нагласи дека СУТКОЗ е единствен репрезентативен синдикат за комунални дејности.

Потсети на Законот за јавни претпријатија, во кој, како што рече, има еден член кој вели дека и други јавни претпријатија можат да се приклучат на штрајк на солидарност. Ги повика вработените од ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје кои, како што рече, денес земаат плата, утре да им се придружат на вработените во „Флораком“ и „Луна“ и заедно да ги поддржат во нивните барања за исплата на августовската плата, која треба да се исплати до 15 септември.

Кашиковски информира дека како синдикат заедно со стручниот тим во ЈП „Паркови и зеленило“ иницирале да се изнајде нов модел за финансирање на претпријатието, по искуствата од соседните земји.

– Факт е дека со овој начин на финансирање на  ЈП „Паркови и зеленило“ не можат да се исплатат плати, додатоци на плати, за основно функционирање на претпријатието. Тоа планираме да го изработиме како документ во наредните две недели. Со оглед на тоа дека има локални избори на 19 октомври, планираме нашите предлози на 15 или 16 октомври да ги изнесеме во јавност и да побараме од идниот градоначалник, без разлика кој ќе биде, да го земе тоа предвид како начин за финансирање на ова претпријатие и на фирмите „Флораком“ и „Луна“, рече Кашиковски.

Од Независниот синдикат на „Паркови и зеленило“, пак, денеска преку соопштение најавуваат дека на 2 и 3 октомври во период од 9:30 до 11 часот ќе биде блокиран сообраќајот од семафирите на крстосницата на булевар „Илинден“ со улицата „Никола Тесла“. Протестот ќе заврши пред дирекцијата на ЈП  „Паркови и зеленило“

Back to top button
Close