Се прават подготовки за пуштање на топловодната мрежа за грејната сезона
Грејната сезона 2025/2026 за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во градот Скопје официјално почнува на 15 октомври, информира Владата. Согласно постојните прописи, испораката на топлинска енергија може да почне и порано – конкретно, од 1 октомври, доколку прогнозираната средна надворешна температура за следниот ден е еднаква или помала од 12 степени целзиусови, според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи.
-Во деновите пред официјалниот почеток, се спроведуваат неопходните подготвителни процедури на системот, вклучувајќи и ладни и топли проби и во тие процеси се лоцираат одредени дефекти. Во текот на летниот ремонт, помеѓу двете грејни сезони се вршеше напрегање на дистрибутивната мрежа, активност која била занемарена со години, со цел откривање на дефекти и нивна санација. Во рамките на тие активности, откриени се околу 80 дефекти и истите се целосно санирани. Сепак, староста на мрежата не ја исклучува можноста од појава на нови дефекти, па така по серија на ладни и топли проби на топлификацискиот систем настанаа нови пукнатини на два секундарни водови, по што одредени реони во градот, привремено останаа без топлинска енергија на 2 и на 3 октомври. До официјалниот почеток на грејната сезона, сите дефекти ќе бидат отстранети, наведува Владата.
Топлинската мрежа, со која управува АД ЕСМ на територијата на градот Скопје, датира од средината на шеесеттите години од минатиот век. Доцнењето на инвестициите во оваа застарена инфраструктура во изминатите години, претставува значителен ризик за целокупниот систем за снабдување со топлинска енергија.
За да се одговори на овие предизвици и да се обезбеди стабилно, долгорочно решение, програмата на Владата вклучува сеопфатни планови за развој, модернизација, ревитализација и проширување на мрежата за централно греење во Скопје. Подобрувањето и надградбата на системот за дистрибуција на топлинска енергија во Скопје се формално внесени во листата за планирање на инвестиции во рамки на Реформската агенда – План за раст за периодот 2024-2027 година, како предлог-инвестициски проект од областа на „Чиста енергија“.
-Оваа голема инвестиција има за цел значително да ја зголеми енергетската ефикасност, што ќе ја подобри целокупната состојба во делот на топлинската енергија, ќе поддржи зголемен конзум, и што е најважно, ќе придонесе за намалување на аерозагадувањето и зголемена стабилност на електроенергетскиот систем. Модернизацијата и оптимизацијата на системот за централно греење ќе резултираат со поголема енергетска независност и намалена зависност од увоз на електрична енергија. Подготвителните активности за реализација на овој проект се во тек, соопшти владината прес-служба. мч/дма/