Османи: На урбаната мафија во Чаир и велиме стоп на 20 октомври

Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, претстави детална визија за решавање на урбанистичкиот хаос, најавувајќи дека ќе воведе нов систем за транспарентно управување со секој квадратен метар во општината.

„Чаир денес е речиси ненаселлив бидејќи 20 години една клика го претвори Чаир во целосен урбан хаос, на кој му се предвидува сигурен колапс само за неколку години. А најголемата штета е направена токму со дивоградбите, кои не само што го создадоа овој хаос, им ги одзедоа на луѓето јавните простори, им ја одзедоа водата, воздухот и можноста да живеат достоинствено, туку и ја осиромашија Општината, бидејќи за овие објекти не се платени комуналии и даноци, туку тие завршиле во нечии џебови, и ја стопиле границата меѓу Општината и урбаната мафија“, изјави Османи.

Тој најави дигитална карта со јавен пристап, каде секој граѓанин ќе може да провери дали некој објект има дозвола и кога е издадена.

„Граѓаните ќе бидат нашите сојузници и чувари на градбите во Чаир“, порача Османи.

Справувањето со дивоградбите нема да значи дека Чаир нема да се развива. Во својата визија, Османи посочи дека Чаир мора да се развива, но вертикално, за да се создадат јавни простори за паркови, игралишта и паркинзи. Градењето ќе биде по план и легално, потенцира тој.

„Јас не сум против градење. Напротив, планот што го подготвивме со Мишел Ројкинд, е целосен урбанистички план, бидејќи единствениот начин Чаир да дише слободно и да создаде јавни простори е да се издигне вертикално. Но, врз основа на план и врз основа на комуникација со Општината. И ќе започнеме, особено во неурбанизираните зони во Серава, во Гази Баба, преку пилот-проект за урбанизација и вертикално градење во Општина Чаир. Но сè според план. Ниту еден квадратен сантиметар во Општина Чаир нема да може да се изгради без дозвола.,“ изјави Османи.

Османи е категоричен дека повеќе нема да има дивоградби.

„И овде не зборувам за оние социјални доградби од луѓето што додале балкон или слично, бидејќи тоа е сосема поинаков пристап со кој ќе се занимаваме на друг начин. Но, на урбаната мафија, која им го одзеде воздухот, водата, животот на луѓето за да профитира, не плаќајќи комуналии и даноци во Општината, збогатувајќи се на грбот на граѓаните, и велиме стоп на 20 октомври“, заврши Османи.

Back to top button
Close