Лимани: Не ветуваме дека Гостивар ќе го направиме Париз, но ќе се оствари се што ќе биде кажано
Со слоганот „Со Гостивар во срце“, кандидатот за градоначалник Ваљбон Лимани од коалицијата Национална алијанса за интеграција (НАИ) и носителот на листата за членови на општинскиот совет за прв пат ја промовираа програмата за работа во следниот мандат.
Лимани првин преку видео ги потсети присутните во малата сала на Центарот за култура на сработеното во неговиот мандат и ги претстави покрупните проекти за кои, како што рече, за 29 проекти и обезбедивме средства уште за педесетина други. Тој за програмата, со која ги бара гласовите на гостиварци, рече дека е достапна и во дигитална форма на три јазици.
– Можеби денес нема да ветиме дека ќе го направиме Гостивар Париз веднаш штом ќе го преземеме неговото управување, но сè што ќе слушнете овде, со Божја волја, ќе се оствари како што ќе биде кажано, рече Лимани.
Тој низ видео-презентации ги прикажа новиот мост преку Вардар, уредување на градскиот плоштад со подземен паркинг со парк. Како поважна точка од програмата Лимани ја напомна поддршката за младите брачни парови. За секоја млада жена или маж до 30 години, општината ќе ги поддржува нивните стартап бизниси со по 60.000 денари. Жените кои се нашле во лош социјален статус, исто така ќе добијат помош од по 60 илјади денари за развој на бизнис.
Кандидатот за градоначалник од коалицијата НАИ посочи дека се води грижа и за повозрасните кои годишно ќе добиваат симболична сума од по 30 илјади денари од општината.
Со пораки за поддршка се обратија и Талат Џафери и Арбен Таравари, кој нагласи дека не треба да се слушаат шпекулациите за некаква вонкоалициска поддршка и подвоеност на членовите на двете партии, туку, како што рече, тука се сите заедно со иста цел.