Костова: Изјавите на Мицкоски за Кочани се апсолутен недостаток на емпатија и се на граница на социопатија
Потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова, жестоко реагираше на последните изјави на премиерот Христијан Мицкоски во врска со трагедијата во Кочани, оценувајќи дека тој покажал целосна исклученост од реалноста и недостаток на емпатија.
„Траорот и тежината во Кочани изминативе шест месеци се сеприсутни и загушувачки, надвиснале над градот и тоа се чувствува секој пат кога ќе отидеш таму. Кочанци се жилави, издржливи и силни, но прес нивната болка никој не смее да се однесува вака дрско и безобразно,“ напиша Костова.
Таа остро го критикуваше однесувањето на Мицкоски, кој, како што наведе, на градот што „во една ноќ си ја изгуби иднината“ му порачал дека може да оди со крената глава.
„Не е само дрскост и безобразие во прашање. Оваа мицкова целосна исклученост од реалноста и апсолутен недостаток на емпатија се на граница на социопатија!“ порача потпретседателката на СДСМ.
Костова истакна дека вистинското почитување на болката на граѓаните се изразува преку одговорност и конкретни напори за позитивни промени.
„Со длабоко наведнати глави, понизно и со најголема почит треба да сме сите пред болката на кочанци. И таа почит и емпатија најдобро се изразува преку преземање одговорност и конкретни напори да се направи макар нешто ситно позитивно, за градот да киниса во некоја не толку траорна насока,“ напиша таа.
Таа додаде дека ДПМНЕ и Мицкоски „на кочанци почнаа да гледаат како на непријатели, па ги избегнуваат и им одат во празно доба, во четири попладне, да изглумат настан и да се изрезилат со нивните нечовечни, крајно арогантни коментари“.
„Малку е да се рече ‘срам да им е!’ Ама, ни срам, ни душа немаат!“ завршува Костова во нејзината објава.