Филипче: Со ВМРО-ДПМНЕ на локално и на централно ниво државата нема иднина
Кампањата на лидерите ја стави во втор план кампањата на кандидатите за локалните избори. Место дебати како да се инвестира во развој и подобро живеење, теми станаа бугарските пасоши и бизниси, патриотизмот и предавништвото, кој витка кичма и кој има или нема црвени линии. Исто беше и на кампањата синоќа.
Од Охрид лидерот на СДСМ, Венко Филипче, ја обвини власта за ароганција, негрижа и лажен патриотизам, за поделби на граѓаните, етикетирање на оние кои се побунија против лошите политики.
„Правда и правна држава кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт е непозната именка, апстрактна уметност. Театрални изјави без ниту еден донесен закон од реформската агенда“, порача Фипче.Тој
Филипче пред симпатизерите и членството на Коалицијата предводена од СДСМ рече дека наспроти ветувањата од лидерот на владејачката партија, секој ден државата е подалеку од Европа и од демократијата, а секоја изјава на премиерот е нова лага.
„СДСМ е државнотворна партија со обврска пред претците да ја брани оваа држава. За помалку од една година тие донесоа несигурност, донесоа страв кај граѓаните за тоа каде се движи земјава. Должни сме како СДСМ да истапиме, да ги збиеме редовите и да излеземе силно, обединети на овие избори…И сега повикот е поважен и погласен од било кога. Мораме да се бориме за нашиот дом“, рече Филипче.
Тој уште истакна дека обврска на партијата е да ја врати надежта дека актуелната власт не може да прави што сака.
„Да дигнеме глас дека нема молчиме пред неправите, ароганцијата и потребите на луѓето. Не смееме да оставиме самоволие на неколкумина да биде државна политика. Не можеме да дозволиме државата да стане алатка за лични интереси…АСНОМ не ја создаде оваа држава за некој да ја приватизира и да ја руши. Да ги руши стратешките позиции кои ги зацртавме и кои се во интерес на сите граѓани. Ако сега не излеземе и да се бориме, на секој ќе му биде уште потешко…Затоа да дигнеме глас против самоволието на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Филипче.
Според лидерот на СДСМ, владејачката партија докажала дека не знае да работи, дека нема капацитет ниту пак желба да им помогне на луѓето да живеат подобро, дека немаат храброст да да решаваат државни проблеми.Владата на ВМРО-ДПМНЕ не исполни ниту едно ветување за подобрување на економијата и на животниот стандард на граѓаните, рече Филипче на граѓанска трибина во Струга.
„Христијан Мицкоски ветуваше дека македонската економија ќе била „балкански тигар“, ветуваше повисоки плати, повисоки пензии, нови вработувања. Што гледаме денес? Платите се топат, сметките за струја, за парно, растат. Животот на граѓаните е претворен во секојдневни калкулации што да купат, дали да купат или да ги платат сметките, односно како да го преживеат месецот“, рече Филипче.
Тој додаде дека инфлацијата и натаму ја јаде куповната моќ, а ветената минимална плата од 500 евра сè уште не е реалност.
„Барањата за минимална плата од 500 евра остануваат неисполнети. Само за Мицкоски платите биле доволно високи. За неговиот пулен Трајко Славески оваа сегашна плата и таа била многу. Регионот веќе оди напред, државите преземаат мерки, за да си ги заштитат граѓаните. Албанија најави минимална плата од 520 евра, ние останавме на 400 евра “, рече Филипче.
Тој посочи дека секојдневно економските параметри поради лошите политики на власта се негативни – странските инвестиции се преполовени, статистиката регистрира пад на индустриското производство, за 2,6% е намален бројот на вработени во индустријата.
“Сето ова е доказ дека ВМРО-ДПМНЕ ја доведе економијата до колапс, што е далеку од нивните ветувања. Со ВМРО-ДПМНЕ и на локално и на централно ниво, државата нема иднина“ – рече Филипче.
Наспроти тоа, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, возврати од Битола дека СДСМ и ДУИ се подготвени на секоја отстапка, на секој попуст кој може да се направи на штета на Македонија и тоа би го направиле веднаш и сега само да имаат лична корист.
Лидерот на владејачката партија и премиер посочи дека кога од СДСМ се удираат во гради за некаков патриотизам, тогаш најмногу ја продаваат и предаваат Македонија.
„Самиот Заев кажа дека на СДСМ не му прилега да биде патриотска партија, иако денес зад т.н. црвени линии се крие неговиот ученик Венко Филипче. Тие црвени линии се уште една спакувана лага од СДСМ. Кога најмногу се удираат во гради за некаков патриотизам, тие во суштина во тој момент најмногу ја продаваат и предаваат Македонија. Тие го потпишаа договорот со источниот сосед, а со тоа ја отворија Пандорината кутија што претставуваше мотив за неколку години потоа да го прифатат т.н. бугарски диктат, за кој што самиот Филипче говореше дека практично го чувал идентитетот. И ако го чувал идентитетот, тогаш зошто денеска се потребни црвени линии? Затоа ќе кажам, сè додека е оваа Влада и се додека јас сум претседател на оваа Влада, за нас постојат само едни линии, а тоа се само македонските линии “, истакна Мицкоски.
Мицкоски посочи дека доаѓа време на одговорност и правда.
„Пред 15 месеци затекнавме распаднат систем, трули институции и напластени проблеми. Темелите градевме полни ео ентузијазам и енергија. Надежта не ја загубивме. Затоа овие избори се одлука за тоа дали ќе продолжиме напред или ќе се вратиме назад. Нашата цел е Битола да биде град на нови перспективи. Со работа, со визија и со искрен однос ќе продолжиме да ја градиме Битола достојна на својата историја. Во оваа прилика на градоначалникот Тони Коњановски му предлагам веднаш на почетокот од вториот мандат да определи парцела, која ќе ја даде за откуп на млади брачни парови по едно евро за квадрат, ослободени од комуналии. Така младите брачни парови ќе изградат свој дом и тој дом ќе го наполнат со дечиња. Многудетното семејство е највисок патриотски чин“,– нагласи Мицкоски.
Наедно тој го обвини претседателот на ДУИ, Али Ахмети, дека не го засегаат Албанците во државата и дека нема план како да ги задржи во родните места. Рече дека Ахмети ја користи предизборната кампања за да се заканува и да дели историски лекции наместо да зборува за иднината.
„Човекот води кампања за локални избори, а на секој митинг не ја испушта можноста да дели лекција од историја, нешто што се случило пред повеќе од 30 години. Претпоставувам таа е онаа матрица која е заробена во минатиот век. Но, додека беше во владата не заборави своето семејно портфолио да го зголеми со еден убав трговски центар во центарот на главниот град. Тоа не го заборави. Но, затоа не кажува ниеден збор за иднината, што планира да сработи, што да направи да ги задржи Албанците во своите родни краеви“, порача Мицкоски.