Османи најавува Академија за жени во Чаир за занаетчиски и претприемачки вештини

Османи најави и основање на „Клуб на жените на Чаир“, во центарот на општината, кој ќе биде простор за вмрежување, менторство и поддршка

Бујар Османи, кандидат за градоначалник на Општина Чаир на новоформираната Национална алијанса за интеграција што ја предводи ДУИ, денес ја претстави својата визија за економска независност и еднаквост на жените. Тој вели дека мерките се произлезени од теренските средби со граѓанките на Чаир.

 

Според Османи, оваа визија ќе се реализира преку две насоки. Прво, преку отворање на патиштата во институциите и второ, преку создавање на Академија за жени во Чаир, која ќе нуди практични обуки и сертифицирани програми за стекнување занаетчиски и претприемачки вештини.

 

 

 

„Ова веќе го подготвивме како проект што ќе се отвори од општината, и врз основа на законот, ќе се ангажираат обучувачи и во сите можни занаети жените ќе можат да стекнат нови способности и вештини, за оние кои немаат доволни квалификации по неколку месеци да добијат сертификат, диплома со која потоа ќе можат да ги започнат своите мали бизниси, микробизниси во секоја област“,

 

истакна Османи.

Тој вели дека општината ќе обезбеди субвенции и финансиска поддршка за жените кои ќе отворат сопствен бизнис или ќе се вклучат во претприемништво.

 

„За прашањето на претприемништвото, го создадовме брендот во Старата чаршија, на претприемачките од Старата чаршија, изработен од жените на Чаир, за да ги ангажираме сите тие, особено социјалните категории, кои немаат еднакви можности, да бидат дел и да придонесат кон општеството, но и тие да бидат кориснички на овој придонес“,

 

изјави Османи.

Во рамки на планот, Османи најави и основање на „Клуб на жените на Чаир“, во центарот на општината, кој ќе биде простор за вмрежување, менторство и поддршка.

 

Во делот на социјалните политики, овој кандидат за градоначалник планира формирање на Фондацијата „Раката на Чаир“, преку која ќе се поддржуваат самохраните мајки, жените од ранливи категории, како и стипендии за девојки во STEM области.

Тој ветува јавен систем на отчетност и транспарентност за сите програми и проекти посветени на жените, како и подготовка на првиот Акционен план за жените на Чаир, кој ќе биде изработен заедно со мајки, наставнички и занаетчики

Back to top button
Close