СЗО предупредува на брзо зголемување на глобалната отпорност на антибиотици

Бактериите брзо развиваат отпорност на антибиотици, предупреди денеска СЗО наведувајќи дека една од шест лабораториски потврдени бактериски инфекции сега е предизвикана од патогени отпорни на антибиотици.

Организацијата првпат квантитативно го утврди проблемот во однос на 22 антибиотици што често се користат за лекување инфекции на уринарниот тракт, гастроинтестиналниот тракт или крвотокот, како и за сексуално преносливата гонореја. Најновите податоци се од 2023 година.

СЗО исто така ги анализирала различните комбинации на бактерии и антибиотици. Утврдила дека отпорноста се зголемила во повеќе од 40 отсто од случаите меѓу 2018 и 2023 година, за 5 до 15 отсто годишно, во зависност од комбинацијата на бактерија и антибиотик.

Во студијата биле вклучени околу 23 милиони податоци од повеќе од 100 земји.

– Антимикробната отпорност е широко распространета и ја загрозува иднината на модерната медицина, изјави Иван Утин, директор на соодветниот оддел во СЗО.

Постојат значителни регионални разлики, при што проблемот е особено изразен во земји со слаби здравствени системи.

Во Југоисточна Азија и Источниот Медитеран, една од три пријавени инфекции веќе е отпорна на проучуваните антибиотици.

Според податоците на СЗО, во 2021 година 7,7 милиони луѓе во светот починале од бактериски инфекции, од кои околу 1,1 милион смртни случаи директно се припишуваат на отпорноста на антибиотици.

СЗО итно повикува на повеќе истражувања и развој на нови антибиотици.

Пациентите, исто така, можат да помогнат во контролирањето на проблемот, вели Утин. Тие можат да го намалат ризикот од инфекција преку често миење на рацете, користење дезинфекциски гел и вакцини.

Тие, исто така, не треба секогаш да очекуваат дека ќе добијат антибиотици кога имаат треска.

– Имајте доверба во вашиот лекар. Ако имате треска и причината е вирусна инфекција, тогаш ако не добиете антибиотик, тоа е сосема во ред, тоа значи дека докторот добро се грижи за вас, рече Утин.

Back to top button
Close