Филипче од завршниот митинг на СДСМ во Куманово: Изборот во недела е историски важен за Куманово и за Македонија
Дојде и последниот ден од кампањата. Избор кој е историски важен за Куманово, за граѓаните на цела Македонија и за СДСМ, рече пред кумановци на завршниот митинг на градскиот плоштад, лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Куманово, кажа тој, е град кој секогаш победувал и ја избирал вистинската страна. Тој ја побара поддршката за кандидатот за градоначалник, Мартин Костовски, и за листата на советници, кажа дека се чесни, храбри социјалдемократи, луѓе кои го сакаат Куманово.
Претседателот на СДСМ на граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“ ја критикуваше власта дека ги манипулира граѓаните.
-Власт што не ги слуша граѓаните, туку ги заплашува, манипулира и ги лаже. Власт што не ги решава проблемите, туку арогантно ги игнорира. И што е најопасно, власт што сака луѓе кои молчат, се покоруваат и не се надеваат на ништо подобро, рече Филипче. Во обраќањето, тој порача дека сега не е време за молчење „и не смее да им се дозволи на ВМРО-ДПМНЕ да ja претворат државата во своја сопственост“.
Тој пред граѓаните на Куманово порача дека Македонија повторно е под закана од поголема партизација, економско уништување, поделби и бесперспективност. Од Куманово, градот на слободата и отпорот, Филипче испрати порака за обединување и мобилизација.
-Да не дозволиме Македонија да стане приватна сопственост на неколкумина. Време е да се исправиме, да ја подигнеме партијата, да ја подигнеме државата, да ја вратиме надежта и достоинството на народот. Во недела да излеземе масовно на гласање. Да покажеме дека СДСМ е тука, дека СДСМ е силен, и дека падот на оваа арогантна власт започнува веднаш, од понеделник, повика тој.
Филипче од Куманово истакна дека СДСМ повторно расте и станува најсилната партија, дека „борбата на СДСМ е исправна, искрена и во интерес исклучиво на граѓаните“.
-Затоа што патриотизмот за СДСМ значи да се бориш за секој човек, патриотизам е да го обединиш народот околу заедничка цел, патриотизам е да водиш политика за иднината и да ги заштитиш луѓето. Тоа е СДСМ и никогаш нема од тоа да отстапиме, нагласи Филипче.
-Ова е нашата мисија. Ова е нашата битка. Да не оставиме ниту еден човек несреќен и неслушнат. Да го кренеме СДСМ не само како партија, туку како движење, како сила, како народна надеж. Сакам да ви кажам уште нешто. По поразот минатите избори сите предвидуваа крај за СДСМ. Се надеваа дека ќе нè снема, работеа на поделби и со презир нè гледаа мислејќи дека ќе се откажеме. Денес, на два дена пред изборите, сакам јасно да им порачам дека ќе се разочараат, потенцираше Филипче.
Тој на завршната трибина пред локалните избори во Куманово зборуваше и за значењето и вистинските вредност на патриотизмот од кој СДСМ, рече, никогаш нема да отстапи по што ги повика граѓаните на масовна излезност на гласање.
-Патриотизмот за СДСМ значи да се бориш за секој човек, патриотизам е да го обедини народот околу заедничка цел, патриотизам е да водиш политика за иднината и да ги заштитиш луѓето. Тоа е СДСМ и никогаш нема од тоа да отстапиме. Затоа ве повикувам: во недела, гласаме со разум. Гласаме со срце. Гласаме со вера дека оваа земја може подобро и дека тоа подобро почнува од нас. Гласаме за Македонија. Гласаме за Куманово. Гласаме за промени и силен СДСМ. Промените започнуваат во недела, заврши Филипче.
Кандидатот за градоначалник од СДСМ, Мартин Костовски, кажа дека е време за промена во Куманово, најави дека ќе работи посветено посветено, домаќински и праведно, ги слушнал маките на кумановци и најави решавање на проблемите во градот. Костовски најави изградба на нов административно-деловен центар со подземна гаража, едношалтерски систем, изградба на четири градински, отворен пливачки базен со аквапарк, изградба на семеен парк во Провце, целосна реконструкција на зелениот пазар и на градскиот стадион, водовод и канализација за селата.
– Доста беше со изговори – „нема пари“, „не сум надлежен“, „тоа не е моја работа“. Градоначалникот не е таму да гледа од страна. Градоначалникот мора да менаџира, да притиска, да се бори за секое село, за секој човек, Без основна инфраструктура, нема достоинствен живот. И токму затоа – секоја чешма и секој одвод ќе бидат приоритет. Бекатонот во Куманово, за жал, стана синоним за предизборни манипулации, рече Костовски.
Тој најави воведување картичка за пензионери, поддршка за учениците „кумановски шампиони“, поддршка за културата. Укажувајќи дека Куманово отсекогаш бил град за пример за соживот помеѓу различните етнички заедници, најави дека ќе биде градоначалник за сите.
-Нема да има делби. Нема да има „ваши“ и „наши“. Ќе има едно Куманово, рече Костовски и повика да гласаат „за подобро Куманово, нова енергија, развој за сите, вистински почеток на промени“.
Носителот на листата од СДСМ во Куманово, Томица Илиќ, рече дека листата е составена од луѓе со интегритет, кои ќе внесат нова енергија во Куманово кој, рече, е претворен во „град на безнадежност, летаргија, град кој го губи духот на животот“. Најави проекти од областа на екологијата, за младите, функционален и безбеден јавен простор и општина по мерка на граѓаните, чиста животна средина, беспрекорна комунална хигиена, повеќе зелени површини.
– Во нашиот дом повеќе нема да има место за политички медиокритети, колекционери на лајкови, кои со мегафони во рака се претставуваат дека се глас на народот, а всушност се слуги на туѓи интереси. Куманово има голема мака, а кога е мака, потребно е да се биде храбар. Да не се плашиме, нашиот дом, Куманово ќе се промени на подобро, ќе го завртиме тркалото на историјата во вистинска насока. Затоа да бидеме храбри, одважни, да се сетиме на нашите херојски корени, децата на Карпош велат – мака ни е! доста е! Време е вистинските, социјалдемократите, да ги постават темелите на едно ново, модерно Куманово, повика Илиќ.