Левица: Мицкоски се претставува како патриот, а цела кампања ја помина со напади по Левица за да го издигне иредентистот Касами

Со разочараност, но без изненадување, констатираме дека Мицкоски ја помина целата изборна кампања со промовирање на коалицискиот партнер ВРЕДИ и со напад врз Левица, наместо со патриотски став и поддршка на македонските кандидати во Струга, Тетово и Гостивар.
Наместо да повика на поддршка (макар и скришум), тој одбра да води кампања против Левица и да ги промовира структурите кои со години ја уценуваат државата и отворено заговараат федерализација.
Мицкоски ја водеше оваа кампања со наведната глава, следејќи ги инструкциите од коалициските пазарења и бизнис-договори склучени зад затворени врати. Додека повторуваше дека „Македонец не може да победи во Тетово, Струга и Гостивар“, тој фактички им порача на нашите сограѓани таму да се помират со понижувањето и да ја прифатат улогата на граѓани од втор ред.
Но најголемата трагедија не е неговата слабост, туку фактот што се стави во служба на структури како Биљал Касами, човек кој јавно негира македонски национални и културни симболи, кој ја стимулира етничката димензија и поделеност на локална власт и кој директно работи на разградување на унитарниот карактер на државата. Истиот тој Касами, кого Мицкоски денес го промовира – јавно говори за федерализација, етничка доминација и за политичко редизајнирање на државата. Може да се заклучи дека Мицкоски и раководството на ДПМНЕ целосно капитулирало.
За разлика од ДПМНЕ, која ја продаде сопствената политичка судбина на коалициските пазари, Левица настапи со сопствени кандидати, со сопствени сили и со чист образ. Во Струга со Јована Мојсоска, во Тетово со д-р Катка Божиновска и во Гостивар со Дарко Грујоски.
Левица понуди избор на луѓе на кои не се и нема да бидат дел од коруптивни договори, не се врзани со мафијашки структури и се спремни да работат за подеднакво достоинствени услови за живот за сите, наместо да го одржуваат владеењето на стравот, поделбите и масовното иселување.
Ние не прифативме диктат од никого – ниту од домашни олигарси, ниту од етнички партии и странски амбасади.
Македонија не е на распродажба и не завршува во Групчин. Државата не е шаховска табла за партиски игри, а општините не смеат да се мета на коалициски пазари. Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Власите, Србите, и сите други граѓани имаат право на политика со јасни принципи, а не на политичари кои тргуваат со територии, функции и народ како со стока на пазар.
Обичниот човек во оваа земја нема ништо заедничко со трговците на власт. Маките на обичниот граѓанин се исти и тие се независни од етничката припадност. Време е некој да стави крај на нивните поделби. Заеднички ни е непријателот – политичката мафија која три децении нѐ држи заробени во поделби за да може мирно да владее и да се богати.