Жител на Челопек осомничен за насилство и загрозување на сигурноста на најблиските

Основното јавно обвинителство Тетово поведе постапка против 29-годишник од Челопек, осомничен за насилство и загрозување на сигурноста на најблиските.

Осомничениот 29-годишник од Челопек, како што информираат од Обвинителството, на 16 октомври, ја загрозил сигурноста на сопствените мајка и татко кои насилно ги избркал од дома, заканувајќи им се по живот затоа што одбиле да му дадат пари.

-Родителите се засолниле во домот на вујкото, но за кратко време осомничениот дошол и со нож на расклопување во раката се обидел насилно да влезе во куќата, во која имало и други членови на семејството, меѓу кои и две деца. Викал и агресивно се однесувал во дворот, се заканувал на сите присутни и пробал со сила да ја отвори вратата, поради што една од оштетените жени со децата на возраст од 6 и 1 година преку прозорец ја напуштиле куќата. Осомничениот успеал да ја скрши вратата и да влезе, а кога сопственикот на куќата се обидел да го смири, тој го прободел со ножот и му нанел телесна повреда, по што се дал во бегство, се вели во соопштението од Обвинителство.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство и можност да го повтори насилничкото однесување.

Лицето се товари за сторени кривични дела „Загрозување на сигурноста“ од член 144 и „Насилство“ од член 386 од Кривичниот законик.

Back to top button
Close