(Видео) „Додека ние марширавме со сликите на нашите деца, тие седнаа заедно на кафе“, се бара притвор за обвинет во случајот „Пулс

Светлана Стојанова, мајка на загинатиот Андреј Стојанов, во емисијата „Претрес со Ландов“ откри дека заедно со другите родители на жртвите поднеле барање за замена на мерките на претпазливост за обвинетиот Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани и обвинет во случајот за пожарот во дискотеката „Пулс“.

Стојанова објасни дека родителите ја донеле оваа одлука по саботниот настан кога го виделе Димитровски во ресторан во друштво со Влатко Грозданов, кандидат за градоначалник на Кочани и, според нив цитирајќи го обвинението, лице кое во постапката има својство на оштетен. Според нив Димитровски не смеел да се среќава со грозданов зошто имал забрана од судот.

 

„Тие се одлучиле баш во тој момент да прават средба, да излезат на кафе, не знам што им била целта, ама тоа е толку нечовечки. Денес поднесовме предлог-барање за определување на други мерки на претпазливост до ОЈО Кочани, ОЈО Скопје и Кривичниот суд, бидејќи Димитровски има забрана за приближување или контакт со лице кое се јавува како оштетен во случајот — Влатко Грозданов“, изјави Стојанова.

Таа додаде дека средбата се случила токму во моментот кога родителите одржувале протестен марш во Кочани, посветен на жртвите од трагедијата.

„Не знам како можеле баш во тој час, кога ние родителите маршувавме со сликите на нашите загинати деца, тие да седнат на кафе. Тоа боли“, рече мајката на Андреј.

 

На прашањето дали е разочарана што Обвинителството само не реагирало по службена должност, таа одговори:

„Нашето разочарување се виде на 16 март. Поголемо разочарување од тоа нема.“

Родителите очекуваат институциите да постапат по нивното барање и да ги заштитат, како што велат, достоинството и довербата во правдата, која ја бараат речиси една година по кочанската трагедија.Целиот тежок разговор за случајот:

Back to top button
Close