Алкалоид во последното коло влегува со шанса за медал

Шахистите на Алкалоид во последното седмо коло од Европскиот клупски куп што се игра на Родос, Грција влегуваат со шанса за освојување медал. Победа во дуелот со израелскиот тим Рашон Ле Цион за македонскиот тим ќе значи медал, но каков ќе се знае од исходот на другите мечеви.

Во шестото коло кое заврши синоќа во дуелот на непоразените Алкалоид загуби со 2,5:3,5 од романскиот тим Супер Чес. Единствената победа за Супер Чес ја постигна светскиот првак Гукеш (со бели фигури) на првата табла совладувајќи го Арјун Еригаиси, другите пет дуели завршија реми. За Алкалоид настапија: Веи Ју (втора табла – бели); Јангји Ју (трета – црни); Читамбарам Аравинд (четврта – бели); Александар Инџиќ (петта – црни) и Абхиманју Пураник (шеста – бели).

– Белите фигури треба да донесат некаква предност во ваквите мечеви, а тоа му успеа на Гукеш во Гринфелдова одбрана. Светскиот првак успеа во системот на отворање да го наведе Еригаиси во непознати води и ја презема иницијативата. На крајот, заслужена победа за Супер Чес, а ние се мобилизираме за следниот меч, кој ќе биде последен на турнирот, – изјави ВМ Влатко Богдановски.

Супер Чес е единствената екипа со максимален резултат од 12 бода и во последната рунда играат со унгарскиот тим Нагиканижаи, кој во моментов е втор со 11 поени. Победникот од овој дуел ќе биде крунисан како нов шампион на Европа.

Back to top button
Close