Лазаров: Манасков игра во одлична форма и затоа доби повик, но тој го одби

Македонската ракометна репрезентација денеска имаше собир и ги почнува подготовките во пресрет на двомечот со Јапонија. Селекторот Кирил Лазаров во рамките на ЕХФ недела ќе работи со репрезентацијата, а дуелите со Јапонија треба да бидат воигрување пред настапите на нашиот национален тим на Европското првенство што ќе се одржи во јануари 2026.

По објавувањето на списокот на играчи левото крило Дејан Манасков преку социјалната мрежа Фејсбук го одби повикот со тоа што истакна дека има „нарушени односи со селекторот“.

На денешниот собир селекторот Лазаров изјави:

–  Дејан Манасков игра во одлична форма, ова се однесува пред сè на последните два месеца и поради тоа доби повик. Тој го одби повикот да игра за Македонија и немам што да кажам. Моја обврска е да ги повикам оние кои играат во најдобра форма. Го направив тоа, го повикав и мислев дека ќе бидеме поквалитетни со него на крилната позиција. Манасков во последно време покажува врвна светска и европска класа, но одиме напред.

Манасков последен пат за репрезентацијата играше 2023 година на СП. По отказот на Манасков повик доби неговиот клупски колега од Еурофарм Пелистер Петар Атанасијевиќ.

Поради повреда од подготовките ќе отсуствува голманот Никола Митревски, а на негово место дополнително е повика Марко Кизиќ.

Back to top button
Close