ДЕН ПО УЦЕНАТА
Кое ли сонце нѐ огреа за да го заборавиме Кочани?
Кај и да е, ќе поминат и тие фамозни 72 часа, па ќе заборавиме и на уцената со ѓубрето. Не знам дали имаат мака луѓето низ другите општини, ама кај нас во Скопје идат магливи денови, па ние ќе почнеме да се жалиме на загадувањето. Е, тоа не беше тема на овие локални избори. Па еден ден ќе заврне дожд, сите ќе излеземе со коли и ќе заглавиме со часови во сообраќај. И тоа не беше тема на овие локални избори. Сѐ додека еден ден сабајле не нѐ огрее сонце, за да заборавиме и на загадувањето и на сообраќајот, како што ќе заборавиме на ѓубрето.
Ама, кое ли сонце нѐ огреа за да го заборавиме Кочани? Останаа само роднините на загинатите деца да ја паметат таа трагедија.
Ние на овие избори не побаравме промена на политиките што доведоа до убиство на 63 млади луѓе. Не побаравме промени во урбанистичкото планирање, политиката кон дивоградбите, добивањето дозволи за градба и за пренамена на објекти, безбедносни системи, департизирани инспекциски служби, департизирана полиција, некорумпирани локални и централни власти…
Кога бараме чаре како да се спасиме од ѓубрето со кое сме затрупани, не се ни занесуваме дека од овие политичари можеме да бараме којзнае каков квалитет на живот. Ама барем да ни обезбедат пристојни услови за безбеден живот. Бидејќи тоа не им го бараме, нема зошто и да ни обезбедат слободни тротоари, чист воздух, депонии што не загадуваат, современи училишта, мирно соседство, контролирана бучава, кафеани чиишто оџаци не се свртени во спалните на комшиите, безбедни градилишта, слободен пристап до хидранти за гасење пожар, слободен пристап за Брзата помош, дискотеки од чиишто забави децата ќе ни се вратат дома живи и здрави…
На политичарите не им е рефлекс да ги сервисираат потребите на граѓаните, туку да си останат на власт со минимум напор и максимум личен ќар. И бидејќи ние, како граѓани, од нив не бараме да ни ги испорачаат ни основните услови за да останеме живи, зошто би очекувале да ни испорачаат нешто што не сме им го барале како гласачи што ги гласаат на избори?
Целата колумна на Горан Михајловски на сдк мк






