Да гласаме за корумпираните

Автор Биљана Секуловска

На неколку часа пред изборниот молк, сега е најдобро време да се апелира. Да се гласа за оние партии на кои една од главните дејности им е да бидат совршено функционална агенција за вработување. Да се даде гласот за оние кои ги потпишуваат со две раце дивоградбите, а притоа го чуваат и негуваат ѓубрето за после изборите, оние на кои криминалот им ги купува гласачите, школите и работните места, оние кои се претвориле во пералници на пари но и на мозоци, затоа што само така се успева во оваа земја.

Неуспешните се оние кои одбиле да ги меле партијата, затоа и станале сиромаси, сеедно е дали се образовани и квалификувани, автоматски се третираат како неспособни и неснајдени, отпад и изрод за кој не вреди да се троши сонцето кое ни од милост не фрла ни зракче врз нивната сенка. Такви среќаваме секаде. Професори и ѓубреџии, чистачи и пролетери, новинари и семкари- никогаш не се обединиле, незаинтересирани за туѓата несреќа, која е и нивна, само тоа за жал не го сфатиле.

Сега веќе е касно да се бара нешто да се промени, само што секогаш е премногу касно или рано. Тотално студенило за сопствениот живот, затоа што и онака завршува некогаш, некаде, одеднаш или по мачно чекање, се пресекува просто, како црта после која следи точка.

Како тоа да се чека целиот живот во оваа земја, а дотогаш празнотија и тишина на сите што кренале раце од избори, партии, лидери, кандидати, претседатели, секакви, а во суштина никакви функции, обични мелења празна слама, на кои крај нема, затоа и вака завршува, за среќа.

Back to top button
Close