Филипче прогласи победа на СДСМ во уште три општини, обвини за огромен притисок врз кандидатите пред вториот круг

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче вечерва порача дека покрај трите градоначалнички места кои беа освоени во првиот круг, СДСМ во вториот круг победил и во Центар, Македонска Каменица и Зрновци.

Филипче очекува конечни резултати уште во неколку општини каде што вели дека разликата е многу мал број на гласови.

-Во изминатите две недели, се вршеше огромен притисок на сите кандидати во овие 17 општини каде што влеговме во вториот круг. Нe се бираа средства ниту методи и тоа само говори дека се соочуваме повторно со истата деструктивна власт на ВМРО-ДПМНЕ која ги злоупотребува институциите кои што им се под контрола. Согласно изборниот резултат на советничките листи и бројот на гласови, СДСМ е втора партија во земјава и прва во опозицискиот блок, кажа Филипче на прес-конференција од седиштето на партија.

Лидерот на СДСМ го повтори ставот дека нема да се повлече од претседателското место на партијата. Смета дека партијата полека се консолидира и дека изборите се дополнителен показател од кои ќе влечат поуки за во иднина. Порача дека ги „разобличиле лажните политики на власта“.

Филипче информира и дека потпретседателката на СДСМ, Ана Чупеска поднела оставка во партијата и со неа соработката ќе продолжи во друга форма.

-Во наредниот период ќе има седници на ИО и ЦО на партијата каде што ќе ги дискутираме резултатите. За кадровските промени ќе ве известам во следните денови, додаде претседателот на СДСМ

Back to top button
Close