(ВИДЕО) Забава со ди-џеј и пенливо вино пред штабот на Герасимовски
Пред штабот на Горан Герасимовски на Боемска се случува забава со ди-џеј.
На видео бим се прикажуваат резултатите на кои Герасимовски од СДСМ убедливо води наспроти кандидатот на ЗНАМ Мирослав Лабудовиќ.
Собрани се поддржувачи кои веќе ја слават победата, наздравуваат и си честитаат. Герасимовски беше пречекан со шампањ.
Тој во својот говор им се заблагодари на сите кои зеле учество во неговата кампања.
„Да се биде градоначалник е огромна чест и признание. Да те изберат два пати за мене значи најголемо признание и чест. Уште повеќе затоа што за мене е највисока одговорност и обврска. Како победивме? Затоа што работевме четири години, а не 30 дена. Затоа што тоа што го ветивме – го исполнуваме. Обединувавме, а не делевме. Говоревме со јазикот на народот и најважно е што имавме јасен пат. Се водевме од принципи. За нас слободата, солидарноста и еднаквоста, правичноста се највисоки вредности. Ако така се работи, а ние така работевме, поддршката сигурно доаѓа“рече Герасимовски.
Тој рече дека за време на кампањата бил навредуван од доскорашни соборци, кои лажно го клеветеле. Тие, рече Герасимовски, кои застанаа на страната на фотелјашите и профитерите изгубија и останаа тивки вечерва.
„Граѓаните ги победија. Им пратија трајна порака: Центар е паметен, мудар, искусен. Ги препознава лажните ликови и и тие во Центар не поминуваат“рече актуелниот градоначалник.






