Дали е добро и потребно да се спојат АНБ и Агенцијата за разузнавање – одговара Сиљановска-Давкова
До каде е иницијативата за спојување на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање, рано е да се каже – вели претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. До неа сè уште не стигнала официјално, но слушнала, како што вели, и проверила закони и примери од други држави.
„Точно е дека има примери и на две агенции во едно, точно дека има примери и на три агенции како во соседна Бугарија, со коишто раководеше претседателот, па сега знаете дека сите три ќе преминат од рацете на претседателот, бидејќи сметале дека тоа е преголема концентрација на моќ на, ми се чини, на Владата“,вели Сиљановска-Давкова.
На прашањето кој е ставот на претседателката од аспект на концентрација на моќ, во држава која има историја на злоупотреби на тајните служби, таа одговара дека е потребна дебата каде ќе се разгледаат повеќе размислувања.
„Не можете да гледате само од аспект на концентрација на моќ, туку и многу други критериуми. На пример, честопати се поврзани внатрешното и надворешното разузнавање или компатибилните ситуации. Видов јас, ги проучив на Хрватска и на Естонија, видов дека има и различни… Мојот став и тогаш и сега беше дека е потребна широка дебата, не само во Собранието, туку стручна дебата. Споменавте стратешки партнери, меѓу нив има партнери кои сметаат дека е подобро на едно место, партнери кои сметаат дека треба да биде поделено, партнери коишто сметаат дека во зависност од состојбите во државата треба да се одбере моделот. Значи, кога ќе започне таа расправа, јас не предлагам измени на закон, јас ќе се вклучам во неа, ќе го кажам мојот став. Во моментов, ситуацијата е ваква каква што е и јас се однесувам согласно неа“,додава претседателката
					





