Сиљановска-Давкова за објавата на Фон дер Лајен: На средбата кај мене не стана збор ниту за топка, ниту за двор

– На средбата кај мене не стана збор ниту за топка, ниту за двор, ниту за игралиште, вака претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја искоментира објавата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен која по последната посета на Скопје на Икс платформата напиша: „Следниот и единствен чекор пред отворањето на преговорите е јасен. Треба да ја направите договорената уставна промена. Топката е во вашиот двор. ЕУ е подготвена“.

-Топката е реквизит. Освен во уметничката гимнастика, сам со топка никој не игра. Значи, топката е инструмент за игра. За игра се потребни двајца. Играта секогаш се одвива по точно утврдени правила. Правилата не се менуваат во текот на играта, што ни се случи нам. Е сега, што ако е топката од офсајд или што ако е топката со фаул фрлена во игралиштето? Или, што ако голов е празен, нашиот беше празен, па го полнеа, го полнеа, мрежата се искина. Значи, правилата во играта се однапред утврдени. Тоа е прво. Второ, кога мене ме прашуваат однадвор – дали ќе го смените Уставот, јас не можам таква гаранција да дадам, јас велам не сум јас Јован Безземја, не сум јас апсолутен монарх. Значи, парламентот тоа го прави. А пратениците гласаат по сопствено уверување и ги претставуваат граѓаните, не мене и не ЕУ. Да бидам искрена. Значи кога вие велите сменете го Уставот, професорот во мене вели вака – ‘кога вака ми велите мене, морате да го смените Уставот’, вие ми велите – ‘заборавете на парламентарната демократија, оти таа има неизвесен резултат’… Е сега, тоа е нешто што ме тера на следново. Да подразмислиме, како можело во Преговарачка рамка и во заклучоци да влезат одредби од записник…, рече Сиљановска-Давкова во гостувањето на емисијата 360 степени на МРТ.

Таа потврди дека побарала помош од францускиот претседател Емануал Макрон.

-Нормално, јас барам помош од претседателот Макрон, бидејќи придавкава е француски (предлог). Е па, сега, најдете решение. Јас мислам дека, не знам, дека мора да се најде излезно решение, а како што знаете, Европејците, особено и тие во Европската Унија, многу креативни знаат да бидат кога е потребно, истакна Сиљановска-Давкова.

На прашањето дали нешто во заднина се движи, а јавноста не го гледа, претседателката одговори потврдно.

-Секогаш се движи. Не секогаш движењето е јавно, бидејќи за да заслужите кредибилитет, статус на кредибилитет, не можете да раскажувате за сите работи што се случуваат. Се работи за сериозно прашање, за сериозна пречка во однос на нас. Верувајте ми, најголемиот дел од своето време јас го потрошив на објаснување за што всушност сме ние загрижени, бидејќи однадвор не изгледа така. Најчесто ќе чуете – па вие сами го усвоивте ова решение, и Владата и Собранието и претседателот застанаа зад него, тоа стана дел од Преговарачката рамка и од заклучоците, и сега зошто не го извршувате? Не е баш така. Јас сум била, за среќа или несреќа, пратеничка. Ние не гласавме за Преговарачка рамка или за заклучоци. Пред нас дојде само информација за заклучоците. И толку беше. Значи, таа постапка тотално беше нетранспарентна, напомена Сиљановска-Давкова.

На прашањето дали, според неа, има ризици и долгорочни последици по земјава од евентуално брзо зачленување на Црна Гора, а пред се на Албанија, во ситуација во која земјава ќе остане надвор од тој процес, таа одговори дека на ова може да постави контра прашање.

-Јас можам со контра прашање да ви одговорам. Има ли ризици па докажани досега, ние уште еднаш да го смениме Уставот, а ништо да не исчекориме повторно? Се прават анализи, се разбира. Затоа ние гледаме интегрално и јас не можам да не кажам дека сум им неверојатно благодарна на Словенија и на Хрватска. Бидејќи тие се внатре. Меѓутоа, имаат посебна одговорност оти во добро и во зло 50 години сме биле заедно. Тие се иницијаторите и на пријателската група, Вишеградската група е пријателска група. Австрија е пријател, Италија е пријател и јас очекувам да се најде некое соломонско решение, објасни Сиљановска-Давкова.

Во врска со законот за Судски совет, рече дека е во дилема околу предлог-решението во работната верзија, кое предвидува дека таа треба да предложи најмалку двајца кандидати за едно место во Советот. Самите кандидати имаат проблем, бидејќи, како што оцени, не веруваат оти претседателот може да има исто ниво на доверба во повеќе луѓе.

-Јас веќе разговарав со некои кандидати, бидејќи јас и во јули и сега имам една листа на кандидати со кои разговарам, за кои мислам дека се квалификувани. Она што кандидатите го забележуваат е следново. Дека претседателот не може подеднакво да има доверба во двајца. Тој ве бира затоа што мисли дека вие сте најдоброто решение за член на Судскиот совет, а вас ќе ве гласа или не Собранието. Второ, морам да укажам на следново. Во многу системи претседателите се тие кои не му предлагаат на Конгресот, на Сенатот… туку номинираат, изјави претседателката.

Според неа, законот за Судски совет во работна верзија беше испратен во Венецијанската комисија, од каде, во меѓувреме, пристигна мислење за него. Но, засега е непознато во која фаза е носењето на законот, кога тој би поминал на владина седница и кога би бил испратен во парламентот. Претседателката е, сепак, децидна дека ќе постапува така како што ќе реши Собранието, иако смета дека претседателот треба директно да номинира членови на Судскиот совет, а не да дава предлози.

Сиљановска-Давкова се уште не предложила наследник на Миљазим Мустафа, чиј мандат истече во јули годинава. Таа го потврди својот претходно изнесен став, дека за предлог ќе го почека новиот закон за Судски совет.

Претседателката рече и дека го проучила целиот пакет закони за реформи во правосудството.

На прашањето до каде е иницијативата за спојување на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање, потенцира дека е рано да се каже. До неа се уште не стигнала официјално, но слушнала, како што вели, и проверила закони и примери од други држави.

-Точно е дека има примери и на две агенции во едно, точно дека има примери и на три агенции како во соседна Бугарија, со коишто раководеше претседателот, па сега знаете дека сите три ќе преминат од рацете на претседателот, бидејќи сметале дека тоа е преголема концентрација на моќ на, ми се чини, на Владата, рече Сиљановска-Давкова.

За нејзиниот став околу концентрација на моќ во држава која има историја на злоупотреби на тајните служби, истакна дека е потребна дебата на која ќе се разгледаат повеќе размислувања.

-Не можете да гледате само од аспект на концентрација на моќ, туку и многу други критериуми. На пример, честопати се поврзани внатрешното и надворешното разузнавање или компатибилните ситуации. Видов јас, ги проучив на Хрватска и на Естонија, видов дека има и различни… Мојот став и тогаш и сега беше дека е потребна широка дебата, не само во Собранието, туку стручна дебата. Споменавте стратешки партнери, меѓу нив има партнери кои сметаат дека е подобро на едно место, партнери кои сметаат дека треба да биде поделено, партнери коишто сметаат дека во зависност од состојбите во државата треба да се одбере моделот. Значи, кога ќе започне таа расправа, јас не предлагам измени на закон, јас ќе се вклучам во неа, ќе го кажам мојот став. Во моментов, ситуацијата е ваква каква што е и јас се однесувам согласно неа, подвлече претседателката на државата

Back to top button
Close