Не успеавте да направите политички проблем од пругата на Коридорот 8 – одговори Николоски на прашање од бугарски новинар

 

Новинарот упати директно прашање до Николоски, потсетувајќи го на неговата ланска изјава во која ги нарече Бугарите како нецивилизирани, но и на овогодишната, кога рече дека Бугарија не направи ништо за изградба на Коридорот 8. Директно го праша вицепремиерот што се сменило изминатите месеци во односот со неговиот колега Караџов и дали сè уште ги смета бугарските домаќини за нецивилизирани

Според Николоски, и минатата и оваа година разговарале за инженерски, а не за политички проблеми на проектот

По денешното потпишување на Договорот за изградба на меѓуграничниот тунел на пругата од Коридорот 8, вицепремиерот и министер за транспорт на земјава Александар Николоски и неговиот бугарски колега Гроздан Караџов на железничката станица „Ѓуешево“ одржаа заедничка прес-конференција. На неа, новинар од бугарската агенција БГНЕС упати провокативно прашање за Николоски, потсетувајќи го на неговата ланска изјава во која ги нарече Бугарите нецивилизирани, но и на овогодишната, кога рече дека Бугарија ништо не направи за изградба на Коридорот 8.

 

 

Од изјавата на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски дадена за бугарскиот медиум БГНЕС / Фото: Влада

Новинарот упати директно прашање до Николоски, што се сменило изминатите месеци во односот со неговиот колега Караџов и дали сè уште ги смета бугарските домаќини за нецивилизирани.

 

„Господине Николоски, од вашиот прв ден како вицепремиер на Северна Македонија бевте многу бесни кон Бугарија и особено кон Коридорот 8. Објаснете ни конкретно што се промени во последните месеци за да бидете тука денеска, на оваа маса, со господинот Караџов. Дали сè уште ги сметате бугарските домаќини за нецивилизирани и бедни луѓе?“праша новинарот.

Николоски посочи дека и минатата и оваа година разговарале за инженерски, а не за политички проблеми на проектот.

„Тоа што вие и вашите колеги сакавте да го направите политички проблем, за среќа не успеавте и затоа сме тука денеска. Мислам дека доволно одговорив“рече тој.

Не одговори на дополнителното прашање од новинарот, дали ќе се извини за претходно дадените изјави.

Николоски во септември минатата година во гостување на ТВ Алфа, зборувајќи за отсуството на македонското државно знаме на заедничката фотографија на претседателите Гордана Сиљановска-Давкова и Румен Радев, рече дека кога ќе дојде некој на гости, минимум што треба да покажете е пристојно однесување.

„Очигледно домаќинот не е цивилизиран и не е пристоен. Слободно нека пратат за ова протестна нота. Помизерни од нив се само нашиве домашни слуги, што потпишаа дека македонскиот и бугарскиот народ имаат заедничка историја, а немаат, истите што потпишаа дека македонскиот јазик е дијалектна форма на бугарскиот јазик и што потпишаа дека никогаш нема да влеземе во Европската Унија ако не прифатиме дека сме Бугари и имаме бугарски корени, сега зборуваат за патриотизам. Тоа не е само мизерно, туку е дно“,кажа тогаш тој.

На ваквата негова изјава тогаш реагираа бугарскиот претседател Румен Радев, бугарското Министерство за надворешни работи, но и Бојко Борисов, лидерот на ГЕРБ (сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ).

Back to top button
Close