Критичните минерали отвораат нова економска можност за Македонија, ЕУ бара посилна соработка со земјите од Западен Балкан

Европската Унија гледа стратешки потенцијал во минералните ресурси на земјите кандидатки, но повикува на развој на целосни синџири на вредност

Минералните ресурси на Македонија можат да станат важен дел од новата европска индустриска и економска стратегија, но нивниот потенцијал треба да се искористи преку поширок развоен модел кој ќе донесе придобивки и за домашната економија.

Ова е една од пораките во публикацијата „Рударство за иднината на Европа“, изработена од Институтот за безбедносни студии на Европската Унија. Во неа се посочува дека земјите кандидатки за членство располагаат со значајни ресурси кои можат да придонесат за европската економска безбедност и намалување на зависноста од ограничен број извори на снабдување.

Македонија е наведена меѓу земјите со важни наоѓалишта на критични суровини, меѓу кои се бакарот, кобалтот, никелот, манганот и антимонот. Заедно со Србија, Босна и Херцеговина и Албанија, земјата е дел од регионот кој сè повеќе се препознава како стратешки важен за идното снабдување со минерални суровини.

Но, во анализата се нагласува дека економските придобивки не треба да се сведат само на експлоатацијата на минералите. За да остварат поголема вредност од сопствените ресурси, земјите од регионот треба да развиваат и капацитети за преработка, производство на напредни компоненти и рециклирање.

Тоа значи можност за создавање нови индустриски дејности, привлекување инвестиции, развој на домашни компании и отворање нови работни места.

Институтот посочува дека ЕУ треба да ги поддржи овие процеси преку поблиска интеграција на партнерите во процесот на проширување во европскиот индустриски екосистем.

За Македонија, искористувањето на минералниот потенцијал во согласност со современите стандарди може да биде можност за посилно позиционирање во европската економија и за поголем домашен удел во вредноста што ја создава рударскиот сектор.

Според публикацијата на Институтот поддржан од ЕУ, Унијата мора да покаже дека нејзиниот интерес за партнерите за проширување се протега подалеку од екстракцијата на нивните суровини – со воспоставување на робусни еколошки, социјални и стандарди за управување, зајакнување на владеењето на правото и реформите за управување и инвестирање во одржлив индустриски развој, таа може да ги унапреди и своите цели за економска безбедност и проширување.

Од друга страна, во студија насловена „Рударството во Западен Балкан“, објавена од организацијата ЕФБ (Европски фонд за Балканот), се потенцира дека геолошката структура на Македонија, обликувана од древни карпести системи и некогашни вулкански процеси, ја снабдува земјата со широка разновидност на минерални богатства – од метални руди до индустриски и неметални суровини.

За разлика од останатите земји од регионот, во извештајот пишува дека „во Косово и Северна Македонија, странските директни инвестиции во рударскиот сектор остануваат многу ограничени, на ниво под 2% од вкупниот прилив на странски директни инвестиции“. Инаку, во Македонија нов рудник не е отворен повеќе од четириесет години. Единствена актуелна инвестиција во ископ на критична суровина е проектот за бакар во Иловица. Зад оваа инвестиција стои мултинационалната компанија Трафигура и беше најавена како најголема гринфилд инвестиција во земјава, со почетна вредност од 350 милиони евра само во првата фаза, односно изградбата на комплексот.

Во студијата се додава дека иако рударската индустрија во Македонија традиционално е со слаб интензитет, зголемените истражувачки активности, особено оние насочени кон наоѓалишта на бакар и полиметални руди, ја зголемуваат веројатноста за нови откритија и за зголемени инвестиции од страна на рударските компании.

„Геолошката разновидност на земјата ѝ обезбедила широк спектар на минерални суровини, вклучувајќи основни метали, благородни метали, индустриски минерали и енергетски ресурси. Клучните критични суровини од листата на ЕУ, кои се присутни и во геолошкиот состав на Северна Македонија, ги вклучуваат бакарот, антимонот, арсенот, никелот, манганот и фелдспатот“, нагласуваат од ЕФБ.

Како што се додава, Македонија спроведува реформи на своите рударски и геолошки прописи, а овие реформи имаат за цел да ја зголемат транспарентноста, да ги зајакнат еколошките заштитни мерки и да го подобрат стратешкото планирање, осигурувајќи дека рударството поддржува одржлив економски раст, а воедно ги намалува еколошките и социјалните влијанија.

„Земјите од Западен Балкан кои се кандидати за членство – особено Србија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Црна Гора – се издвоија како стратешки важни локации за експлоатација на литиум, бакар и други минерални суровини. За ЕУ, рударството во овој регион претставува можност за зајакнување на отпорноста на синџирите на снабдување и за унапредување на стратешката автономија. За владите од Западен Балкан, пак, тоа ветува странски инвестиции, фискални приходи и поблиска економска интеграција со ЕУ“, се истакнува во извештајот.

Според ЕФБ, како што Европската унија ги забрзува своите зелени и дигитални транзиции, така и побарувачката за критични суровини нагло се зголемува.

Back to top button
Close