Почина нобеловецот Вотсон – еден од научниците што ја откри структурата на ДНК

Светски познатиот научник Џејмс Вотсон, кој ја делеше Нобеловата награда за физиологија или медицина во 1962 година за помош во откривањето на структурата на ДНК, почина на 97-годишна возраст.

Смртта на Вотсон беше потврдена синоќа од лабораторијата „Колд Спринг Харбор“, каде што работеше со децении. Во 2007 година се пензионираше од престижната лабораторија во државата Њујорк откако даде расистички коментари, пренесе ДПА.

Вотсон, заедно со Франсис Крик и Морис Вилкинс, го направија револуционерното откритие во 1953 година дека структурата на ДНК е двојна спирала, што беше пресвртница во модерната медицина и молекуларната биологија.

Вотсон стана раководител на лабораторијата „Колд Спринг Харбор“ во 1968 година, претворајќи ја во голем центар за истражување на ракот. Тој, исто така, ја прошири нејзината работа во биологијата на растенијата и невронауката.

Во 2007 година, британскиот „Сандеј Тајмс“ објави интервју со Вотсон во кое тој сугерираше дека црнците се помалку интелигентни од белците.

Истражувачот потоа поднесе оставка од својата позиција како шеф на лабораторијата, а исто така се повлече и од јавниот живот. Подоцна ги повтори овие забелешки. Лабораторијата ги прекина сите преостанати врски со него.

Извор: nezavisen.mk

Back to top button
Close