Северна Кореја најавува поофанзивен став кон САД и Јужна Кореја

Северна Кореја соопшти дека ќе заземе поофанзивен став кон САД и Јужна Кореја, откако двете земји го осудија вчерашното тестирање на балистичка ракета.

– Ќе делуваме поофанзивно кон непријателските закани, изјави севернокорејскиот министер за одбрана Но Кванг Чол, обвинувајќи го Вашингтон дека со „безобразни“ воени маневри ја загрозува безбедноста на неговата земја и „намерно ги зголемува политичките и воените тензии во регионот“.

Чол го критикуваше и пристигнувањето на американскиот носач на авиони на нуклеарен погон „Џорџ Вашингтон“ во јужнокорејското пристаниште Пусан. Јужна Кореја соопшти дека причината за доаѓањето на бродот е снабдување и одмор на екипажот.

Изјавата на севернокорејскиот министер и ракетната проба уследија околу една недела по посетата на американскиот претседател Доналд Трамп на Јужна Кореја во рамки на неговата азиска турнеја.

Трамп, кој во својот претходен мандат трипати се сретна со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, изјави дека е подготвен за нов состанок, но до средба не дојде – американскиот претседател објасни дека е „премногу зафатен“, а Пјонгјанг не реагираше.

За време на посетата на Сеул, Трамп даде зелено светло за изградба на јужнокорејска подморница на нуклеарен погон – технологија што ја поседуваат само неколку држави.

Неколку дена подоцна, американскиот министер за одбрана Пит Хегсет, заедно со својот јужнокорејски колега, ја посети граничната зона со Северна Кореја, при што ја потврди „силата на билатералните односи“.

Аналитичарите предупредуваат дека договорот за изградба на нуклеарна подморница може да предизвика поагресивна реакција на Пјонгјанг.

Јужнокорејските пратеници, по безбедносен брифинг оваа недела, изјавија дека Северна Кореја изгледа подготвена за седма нуклеарна проба, доколку лидерот Ким Џонг-ун даде дозвола.

Back to top button
Close