Граѓаните на пет општини во Албанија денеска избираат градоначалници

Во пет општини во Албанија, каде денеска се избираат градоначалници, во 7 часот се отворени 473 гласачки места и ќе се гласа до 18 часот.
Во општините Валона, Берат, Церик, Мат и Тепелена, правото на глас треба да го остварат 308.987 граѓани. Најголемо гласачи тело има приморскиот град Валона, 160.424 гласачи, а ќе се гласа на 232 гласачки места.
Централната изборна комисија(ЦИК) ги повика граѓаните од споменатите општини да го остварат правото на глас, со почитување на правилата на изборниот процес.
„ДОБРО УТРО и со покана до граѓаните на Валона, Берат, Церик, Мат и Тепелена, да гласаат денеска на локалните предвремени избори за нови градоначалници, ви посакувам мирен неделен ден, напиша премиерот Еди Рама на социјалните мрежи
Претходните градоначалници избрани во 2013 година поднесоа оставки, четворица заради учество на парламентарните избори, еден поради лични причини.
Во трката за петте градоначалнички места има 13 кандидати. Социјалистичката партија има свои кандидати во петте општини, додека демократите, немаат ниту еден, туку ги поддржуваат независните кандидати. По тројца кандидати има во Церик, Валона и Мат се по двајца во Тепелена и Берат.
Вкупно, има 612 полицајци кои од вчера со распределбата на избирачкиот материјал се ангажирани за обезбедување на гласачките места и придружба на материјалите. Државната полиција ги повикува граѓаните да пријават секој обид на закана, поткуп или друг обид на влијание на оневозможување на изразување на слободната волја.
Денешните избори Албанија ќе ја чинат 1,6 милиони евра.
Предвремени избори денеска требаше да има и во Тирана, според уредбата на претседателот Бајрам Бегај, за одредување датум.
Но, откако Уставниот суд го прифати барањето на градоначалникот Ерион Велиај, кој е во затворски притвор, за неуставно негово разрешување од страна на владата врз основа на одлука на Советот на општина Тирана, изборните активности беа прекинати.
На последните избори во 2023 година од 61 општина социјалистите на Еди Рама освоија 55 градоначалнички места.






