Белгиските власти инициира истрага поради сомнеж за измамничка акција на попусти во супермаркетите „Алберт Хејн“
Белгискиот министер за заштита на потрошувачите Роб Биндерс денеска побара од Инспекторатот за трговија да спроведе истрага околу „спектакуларните попусти“ во синџирот супермаркети „Алберт Хејн“.

Како што јавија белгиските медиуми, минатата недела супермаркетите „Алберт Хејн“ започнаа акција под слоганот „XXXXXL БОНУС. Купи 2 и добиј 5 бесплатно. Тоа е купи 7 и добиј 2 бесплатно“. Со оваа акција се опфатени повеќе производи, како детергенти, тоалетна хартија, сокови, тортиљи, крофни, па дури и садови за готвење, што резултираше со навалици во супермаркетите на „Алберт Хејн“ и испразнети полици од овие стоки.
Министерот Биндерс побара од Инспекторатот да провери дали можеби ваквата акција не претставува т.н. „практика на мамец“, кога трговците ги намамуваат купувачите со промоции на одредени стоки, чии количества на залиха не се доволни за да ја задоволат побарувачката. Со оваа практика, купувачите не успеваат да ги набават производите на попуст по кои дошле во супермаркетот, но сепак купуваат други намирници.
– Апсолутно сум за попусти во супермаркетите, но сега гледаме дека одредени супермаркети организираат промоции каде што не секој потрошувач го добива тој попуст, изјави Биндерс за државното Радио 1.
Според него, пред одредена промоција супермаркетите треба да имаат „разумно количество“ од производите што ги нудат на попуст.
– Се запрашав дали клиентите навистина го добиваат она на што имаат право и затоа побарав од Инспекторат да спроведе прелиминарна истрага за да провери дали се почитувани сите правила за попусти, додаде Биндерс.
Тој нагласи дека целта на властите е да обезбедат фер конкуренција помеѓу супермаркетите, во услови кога големите трговски синџири се во можност да нудат попусти какви што помалите супермаркети не можат да си дозволат.
– Мора да одржуваме еднакви услови за игра. Затоа е важно внимателно да се испитаат големите супермаркети кои понекогаш нудат огромни попусти, за да се осигураме дека не ги заведуваат потрошувачите. Значи, мора да биде фер, и затоа сега е во тек прелиминарна истрага, додаде Биндерс.
Акцијата на „Алберт Хејн“ беше повод за реакција и на Федерацијата на независните супермаркети, што ги обединува помалите и индивидуални продавници, која оцени дека ваквите промоции „што излегуваат од контрола“, не се добри за никого.
– Не постои нешто што е бесплатно. Некој секогаш ја плаќа цената, изјави претседателот на Федерацијата, Лук Ардие.
Според него, постојаното нудење на производи на попуст води до ризик од ерозија на нивниот квалитет на долг рок, бидејќи производителите не можат секогаш да произведуваат поевтино за да финансираат промотивните понуди.
Ардие предлага Белгија да го следи примерот на Франција каде се воведени законски ограничувања за промоциите на производи на попуст, како што се „купи едно, добиј едно бесплатно“, „купи едно, добиј две бесплатно“ или „купи едно, добиј три“.
– Мислам дека не е лошо нашата Влада да размисли за вакви забрани, за доброто на целото наше општество, а исто така и за гарантирањето на здрава и безбедна храна, додаде Ардие.






