Како бременоста влијае на телото на жената
Бројките се импресивни: повеќе од 300.000 раѓања беа во фокусот на истражувањето на научниците од Израел и САД, коишто обработија вкупно околу 44 милиони мерења.

За потребите на студијата, анонимно се направени тестови на крв, урина и други испитувања. Така, на пример, правени се мерења на холестеролот во крвта, бројот на имунолошки ќелии и црвени крвни зрнца, воспалителни процеси, како и податоци за состојбата на црниот дроб, бубрезите и метаболизмот. Вкупно се земени предвид 76 параметри.
Анонимните податоци од 2003 до 2020 година доаѓаат од досиејата на пациенти на најголемиот давател на здравствена заштита во Израел. За потребите на студијата се обработени само податоците на жени на возраст од 20 до 35 години кои не земале лекови и немале никакви хронични заболувања.
Резултатите ги покажаа различните ефекти на бременоста и породувањето во опфат кој досега не беше познат, вели Ури Алон, биолог од Институтот за наука Вајцман во Реховот, Израел, кој ја спроведе студијата. Таа првично беше објавена на научната платформа Science Advances, а потоа во научното списание Nature, а беше поддржана и од Европскиот совет за истражување.
Бременоста и породувањето влијаат на телото подолго отколку што се мислеше
Резултатите од студијата сугерираат дека телото мора да се справува со последиците од бременоста и породувањето подолго отколку што се претпоставуваше, вели Џенифер Хол, научник која го истражува репродуктивното здравје на Универзитетскиот колеџ во Лондон. Постои општествено очекување дека жената брзо закрепнува по раѓањето на детето. „Ова сега е нешто како биолошки доказ дека тоа не е така“, вели Хол.
Исто така се покажало дека околу половина (47 проценти) од 76 испитани телесни параметри се стабилизираат во првиот месец по породувањето. Стабилизирањето на другата половина од параметрите (41 отсто), сепак, трае од три месеци до една година додека не се достигне вредноста пред бременоста.
Вредностите во однос на холестеролот или функцијата на црниот дроб се стабилизираат само по околу шест месеци. За црниот дроб е важна таканаречената ALP вредност, на којашто и требало дури една година за да се стабилизира. Ова јасно укажува на физичкото оптоварување при породувањето, се наведува во студијата.
Некои вредности биле јасно изменети дури и 80 недели по породувањето. Покачени, на пример, биле маркерите кои се зголемуваат во имунолошкиот систем за време на воспаление. Пониски вредности се забележани кога се работи за железото во крвта и просечната концентрација на хемоглобин во црвените крвни зрнца.
Сепак, не е јасно дали овие разлики може да се поврзат со промените во однесувањето по породувањето или со трајни физиолошки последици од бременоста, се наведува во студијат. Ова е едно од прашањата на коишто науката треба да даде одговор.
Огромни телесни промени за време на бременоста
За време на бременоста, мајката поминува низ значителни физички промени кои го поддржуваат растот и развојот на ембрионот, а подоцна и на фетусот. Зголемената потреба за кислород и хранливи материи доведува до зголемување на минутниот волумен на срцето на мајката, а нејзиниот крвен волумен се зголемува и до 50 проценти. Нејзиното дишење се менува, како и целата нејзина хормонална рамнотежа. Нејзините бубрези филтрираат повеќе крв за пократок временски период, а нејзиниот имунолошки систем се менува за да избегне отфрлање на ембрионот или фетусот.
Скелетот на мајката е исто така погоден од промени, како и цревниот и стомачниот систем и метаболизмот. За време на бременоста и по породувањето, постои зголемен ризик од депресија, дијабетес, анемија и згрутчување на крвта. Крварењето по породувањето сè уште е водечка причина за смрт на мајките во одредени земји во светот.
Дури и без компликации, породувањето претставува длабока промена. Бидејќи, кога фетусот и плацентата (органот што се формира за време на бременоста и е одговорен за снабдување на плодот) ќе го напуштат телото, нивното влијание врз метаболизмот и хормоните на мајката одеднаш престанува.
Можна нова рана дијагноза против ризиците во бременоста?
Преку темелна наука, во иднина можеби ќе може да се идентификува дали жената е изложена на зголемен ризик од одредени компликации дури и пред бременоста. Во тоа спаѓаат пред се висок крвен притисок опасен по живот, таканаречена прееклампсија или гестациски дијабетес. Во моментов, овие болести може да се дијагностицираат само за време на бременоста.
Научниците сега дошле до сознание дека жените со компликации во бременоста имаат различни маркери од оние кои немале проблеми за време на бременоста. Новите откритија нудат можност да им се помогне на жените со висок ризик уште пред да забременат, истакнува Џенифер Хол.
„Резултатите покажуваат дека анонимизираните биомедицински информации можат да дадат бројни нови сознанија“, вели Алон. Но, и други временски транзиции како што се растот и развојот во детството, пубертетот или за време на менопаузата, како и текот на специфичните болести и нивните процеси на лекување би можеле подобро да се разберат на овој начин, вели израелскиот научник Алон.






