ЕУ не го коментира договорот за изземање на Унгарија од американските санкции за руската нафта и гас

Европската Унија соопшти дека се додека не добие детали околу договорот, нема да ги коментира информациите дека на средбата на американскиот претседател Доналд Трамп и унгарскиот премиер Виктор Орган во Вашингтон било договорено Унгарија да биде ослободена од обврската за почитување на санкциите на САД насочени кон забрана за увозот на руска нафта и природен гас.

– За да можеме да коментираме, треба да видиме што точно е договорено. Текстот (на договорот) се уште не е објавен, рече портпаролката на Еврокомисијата за енергија Ана-Кајза Итконен во одговор на новинарско прашање за ставот на ЕУ за договор постигнат минатата недела меѓу Трамп и Орбан.

Итконен додаде дека и со одлуката на ЕУ за забрана за увозот на енергенси од Русија до крајот на 2027 година и ограничувањата за набавка на руска нафта во 2022 година, за Унгарија и Словачка е направена отстапка од ваквите забрани.

– Тоа значи дека и Словачка и Унгарија, согласно овие отстапки од пакетот санкции, можат да увезуваат руска нафта, додаде Итконен.

Во врска со информациите дека Бугарија, Молдавија и Романија „бараат начини да спречат затворање“ на рафинериите на рускиот „Лукоил“ на нивна територија, заменичката главна портпаролка на ЕК, Аријна Подеста изјави дека Комисијата е во контакт со овие земји во врска со можното влијание врз нив на американските санкции кон оваа руска компанија.

– Дозволете ми да ве потсетам дека „Лукоил“ во моментов не е предмет на санкции на ЕУ, па затоа остануваме во контакт со земјите во текот на целиот овој процес, рече Подеста, додавајќи дела секоја постапка поврзана со „Лукоил“ мора да биде во согласност со релевантните обврски предвидени со санкциите на ЕУ кон Русија.

Back to top button
Close