Фон дер Лајен: Со Мецола и Фредериксен постигнавме „солидно разбирање“ за предлозите за буџетската рамка
На конструктивниот состанок со претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола и претседавачката со Советот на ЕУ, данската премиерка Мете Фредериксен постигнавме „солидно разбирање“ за предлозите за Повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ за периодот 2028-2034 година, како и јасен пат напред, информира претседателката на Европската комисијата, Урсула фон дер Лајен.
– Ги разјаснивме и зајакнавме нашите цели во три клучни области: гарантирање на улогата на регионите, зајакнување на идентитетот на Заедничката земјоделска политика и подобрување на управувањето, наведе Фон дер Лајен во објава на Икс, по онлајн средбата со Мецола и Фредериксен.
Во објавата Фон дер Лајен додава дека по овој состанок со нетрпение ја очекува дебатата за буџетската рамка во Европскиот парламент, предвидена за в среда.
Според главната портпаролка на Еврокомисијата, Паула Пињо целта на состанокот била дискусија помеѓу трите главни институции на ЕУ за прашања поврзани со буџетските прашања и на него треба да се гледа како на платформа за обезбедување на понатамошно разбирање околу оваа тема.
Портпаролот на ЕК за економија и буџет Балаж Ујвари посочи дека по презентацијата на „исклучително амбициозниот предлог“ за следната Повеќегодишна финансиска рамка на ЕУ, Комисијата ги сослушала сите дискусии и позиции околу предложениот буџет и подготвила измени на предлогот.
– Во пресрет на денешниот состанок, Комисијата со колегислаторите ги сподели предлозите (за измени), со цел да се олесни процесот и тој да продолжи што е можно побрзо и непречено. Овие предлози се однесуваат на три области. Имаме зајакнување на идентитетот на Заедничката земјоделска политика, имаме зајакнување на улогата на регионите и последната област се однесува на подобрување на управувањето, рече Ујвари.
Тој појасни дека целата на овој предлог е да се олесни дискусијата по предложениот буџет, но дека ЕК се уште не излегла со нов изменет предлог на финансиската рамка.
Според досега познатите детали, Европската комисија предлага најмалку 10 отсто од средствата во новопредложениот „партнерски план“ да бидат наменети за земјоделството, регионалните и локалните власти да имаат позначајна улога во носењето одлуки околу начинот на трошење на парите и Европскиот парламент да има поголемо влијание во обликувањето на јавните трошоци на ЕУ.
Тензиите околу буџетот ескалираа откако минатиот месец пратеничките групи на Европската народна партија (ЕПП), Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), либералната Да ја обновиме Европа (РЕ) и Зелените во заедничко писмо упатено до Фон дер Лајен се заканија дека ќе ги блокираат преговорите за предложената буџетска рамка, доколку во неа не бидат извршени значајни промени.
Главна спорна точка во буџетот е предлогот на Комисијата за спојување на фондовите за субвенционирање на регионалниот развој и за земјоделството во единствен „партнерски план“ во вредност од 865 милијарди евра, на што жестоко се противат Европскиот парламент, регионалните власти, земјоделските здруженија, но и некои земји членки.
За олеснување на постапката за усвојување на буџетот во меѓу време и земјите членки на ЕУ излегоа со идеја тие да ја имаат клучна улога околу усогласувањето на следната буџетска рамка, односно дека главниот збор во преговорите за „суштински промени“ на предлогот треба да го имаат лидерите во рамки на Европскиот совет, пред другите институции на блокот.






