Демократите објавија три е-пораки на Епштајн во кои се спомнува Трамп

Американските демократи од Претставничкиот дом денеска објавија три електронски пораки на Џефри Епштајн, во кои се споменува американскиот претседател Доналд Трамп.

Осудениот сексуален престапник Епштајн го споменал Трамп неколку пати за време на преписката со долгогодишната соработничка Гилејн Максвел и новинарот Мајкл Волф.

Демократите наведуваат дека Трамп знаел дека покојниот Епштајн експлоатирал малолетни девојки.

Демократите цитираа преписка меѓу Епштајн и Волф, како и неговата поранешна девојка Максвел, која отслужува 20-годишна казна за сексуална трговија со деца.

Е-поштата вклучува писмо од 2019 година до Волф, во кое Епштајн напишал дека Трамп „знаел за девојките, затоа што ја замолил Гилејн да престане“. Во друг мејл од 2011 година до Максвел, Епштајн тврди дека Трамп „поминал часови во својот дом со една од жртвите“, чие име не е споменато. Тој го нарекува Трамп „куче, кое се уште не залаело“.

Трамп постојано и жестоко негира какво било знаење или вмешаност во злосторствата на Епштајн.

Тој тврди дека со Епштајн биле пријатели во 90-тите години, но подоцна се скарале.

Епштајн изврши самоубиство во 2019 година во притвор откако беше уапсен по обвиненија за сексуални злосторства.

Белата куќа ги обвини демократите дека ја објавиле е-поштата за да го оцрнат претседателот Трамп.

– Демократите селективно ги објавуваа е-поштите до либералните медиуми за да создадат лажен наратив и да го оцрнат името на претседателот Трамп, изјави портпаролката на Белата куќа, Керолајн Левит.

Во меѓувреме, Комитетот за надзор на Претставничкиот дом бјави 20.000 страници документи што ги доби од имотот на Епштајн, фондот што управува со неговите средства по неговата смрт.

Комитетот е контролиран од републиканците, а објавата доаѓа кратко откако демократите во истиот Комитет објавија три е-пораки, за кои тврдат дека исто така дошле од имотот на Џефри Епштајн.

Back to top button
Close