Фридом Хаус: Србија во категоријата делумно слободни земји во однос на слободата на интернет

Во новиот извештај на организацијата Фридом Хаус за слободата на интернет, Србија е означена како делумно слободна земја, што претставува пад во споредба со минатата година, кога беше во категоријата слободни земји.
Одговорот на владата на повеќемесечните протести предводени од студентите доведе до промена на статусот, односно намалување на слободата на интернет во Србија, наведува Фридом Хаус во извештајот „Слобода на интернет 2025: Неизвесна иднина за глобалната мрежа“.
Кога луѓето излегоа на улиците низ целата земја, барајќи правда и транспарентност по смртоносното уривање на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, властите уапсија лица кои ги поддржаа протестите на социјалните медиуми и ја користеа технологијата „Celebrite“ за да ги пребаруваат телефоните на новинарите и активистите, се вели во него.
„Властите уапсија корисници на социјалните медиуми, вклучително и студенти, за содржина поврзана со демонстрациите, а онлајн новинарите кои се обидоа да известуваат за тоа се соочија со зголемено насилство и вознемирување“, се вели во извештајот, што го опфаќа периодот од 1 јуни 2024 година до 31 мај 2025 година.
Надзорот на активисти и новинари со шпионски софтвер продолжи, а медиумите се соочија со бројни тужби за стратешко анти-јавно учество (SLAPP), додаде организацијата со седиште во Вашингтон.






