Французите ја укинаа забраната за патување на сопственикот на социјалната мрежа Телеграм

Сопственикот на социјалната мрежа Телеграм, Павел Дуров, може повторно да патува, по судската одлука за укинување на неговиот надзор и забраната за напуштање на Франција, објави денеска Политико.

Основачот на Телеграм беше уапсен во Франција во август 2024 година и обвинет за неколку кривични дела од организиран криминал.

Обвинителите го обвинуваат Дуров и неговата мрежа Телеграм дека одбиваат да соработуваат со властите во борбата против нелегалната содржина, вклучително и детската порнографија.

По неговото апсење на аеродромот Ла Бурже во Франција, судот го стави под строг надзор и му забрани да ја напушти Франција.

Дуров беше испрашуван три пати за време на истрагата, последно на крајот на јули, а неговите адвокати упорно ја оспоруваа легалноста на истрагата и бројните дејствија спроведени „со кршење на француското и европското право“.

Мерките за строг надзор беа ублажени неколку пати, така што забраните сега ќе бидат целосно укинати, објави Блумберг, додека „Политико“ не доби потврда за оваа информација од обвинителството и адвокатите на одбраната.

Back to top button
Close