Државниот обвинител Коцевски алармира: Не бараме поголем буџет за повисоки плати, туку немаме средства за вештачења и за скапите финансиски истраги!
Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, денеска се обрати во Собранието, на почетокот на расправата за новиот предлог-буџет за следната 2026 година.
Како што посочи Коцевски, размислувал дали воопшто да зборува пред пратениците, бидејќи истите барања ги имал и лани, но тие не биле разгледани.

-Лично многу размислував дали воопшто треба да се обраќам повторно од оваа говорница пред вас со истите барања како и лани.
– Advertisements –
Уште повеќе што истите наши барања кои секоја година ги истакнуваме, пред само неколку дена ги потврди и Европската унија во последниот извештај – за ефикасна борба против криминалот и корупцијата мора да се овозможат ресурси и финансиска независност на обвинителството и на правосудството воопшто.
Сепак, одбрав да зборувам. Прво, затоа што навистина верувам во моќта на пратениците да ни ги овозможат ресурсите кои ни се неопходни за да можеме да работиме. Второ, затоа што имам обврска да ви укажам дека состојбата со која сме соочени станува алармантна. Повторно, и за следната година, наместо законски предвидениот минимум од 0,4% од вкупниот буџет, се предлагаат едвај околу 0,2% за потребите на обвинителството. Во вкупен обем на средства, износот е дури и помал отколку во тековната година. Тоа е апсолутно нелогично во услови кога сите трошоци растат, рече Коцевски.
Тој потенцираше дека средствата кои му се неопходни на обвинителството не се за плати или додатоци, туку за секојдневно функционирање и спроведување на предистрагите и истрагите.
-Сакам да е јасно за целата јавност дека тука не станува збор за средства за некакво покачување на плати, ниту на јавните обвинители, ниту на јавнообвинителските службеници. Во предлог буџетот планираните издвојувања за плати се до денар исти како и годинава, а не се предвидени средства ниту за додатоци кои законски им следуваат на вработените.
Но, што е уште поважно, најмногу се намалуваат средствата за договорни услуги од каде се исплаќаат сите вештачења, трошоци за истражни дејствија и за работа на јавните обвинителства во постапките што ги водат. Во исто време, нашите потреби во овој дел постојано растат. Вештачењата поскапуваат, а за голем број сериозни и сложени кривични дела воопшто нема вешти лица во нашата држава, па сме принудени да ангажираме експерти од странство. Се ова паѓа на товар на буџетот на обвинителството.
Со реформската агенда пред јавното обвинителство, но и пред сите нас како држава стојат сериозни реформски зафати кои мора да се реализираат во 2026. Тие не предвидуваат само законски измени туку и јакнење на капацитетите и опремата во истражните центри, опремување и функционалност на канцеларијата за поврат на имот, поскапи финансиски истраги кои ќе резултираат со конфискација, ангажирање на дополнителен број обвинители и експерти за откривање економски и финансиски криминал во обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. За ниту еден од овие реформски чекори во буџетот за следната година нема доволно средства, ниту има одобрувања од ресорното министерство за потребни вработувања, што значи дека тие нема да можат да се реализираат, истакна државниот обвинител.
Тој истакна дека за помалку од две години си заминале 40 вработени, а не е одобрено ниту едно ново вработување.
-Кога сме кај кадровските ресурси, морам да укажам на крајно тешката состојба во која сме доведени како институција. Многупати сум кажал и мислам дека веќе сите знаат дека работиме со едвај една третина од потребниот број вработени во јавнообвинителската служба. Меѓутоа, има еден податок што уште повеќе загрижува. Oд почетокот на 2024 до денес, значи за помалку од 2 години, имаме одлив од над 10% на вработени кои си заминуваат по различни основи (околу 40 вработени). Во истиот период не ни е одобрено ниту едно ново вработување, па дури ни пополнување на овие испразнети места. Ниту едно ново вработување во службата не ни е одобрено ни за следната 2026 година, па очекувано е бројот на вработени дополнително да се намали. Иако недостигаат околу 30% и од потребниот број на јавни обвинители, поради блокираниот прием во Академијата, најмалку во следните три и пол години нема да биде примен ниту еден нов јавен обвинител. Со оглед на обемот на работа кој постојано расте, ваквата состојба е навистина неодржлива.
Станува невозможно да се споредиме дури и со земјите во најблиското опкружување. Сите обвинителства во регионот се дигитализирани, опремени и со фукционални системи за управување со предметите. Иако баравме, во предлог-буџетот за 2026 повторно не се предвидени средства за државно кофинансирање на новиот систем за управување со предметите, кој во најголем дел требаше да е покриен со средства од ИПА. За опрема за сите јавни обвинителства во земјава, државава вкупно планира помалку од 30 илјади евра, рече Коцевски.
Тој спомена и неколку успешно завршени предмети, каде што обвинителите покажале одлична ефикасност и посветеност.
-Бидејќи често се споменува дека финансиите треба да бидат поврзани со резултатите во работата, подготвен сум да зборувам и за резултати. Истрагата за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ обвинителството ја заврши за помалку од 2,5 месеци и ги обезбеди сите потребни докази. Овој предмет е вистинска потврда зошто е толку важно да се негуваат и да се инвестира во ресурсите на обвинителството, но и на правосудството во целина. Ваквите трагични настани никој не може да ги предвиди, а ние мора да имаме услови за да овозможиме ефикасна правда.
Освен ова, по целосно спроведени истраги, во судска постапка влегоа многу сложени предмети, како што е „Онкологија“, злоупотребите откриени во предметот „Адитив“, повеќе злосторнички групи кои се обвинети за трговија со дрога и убиства.
Годинава се соочивме со исклучително сложени предмети и од областа на еколошкиот криминал, кривични дела кои предизвикаа и огромни последици на нашата животна средина, но и ги вознемирија граѓаните. Само еден пример сакам да истакнам тука за да илустрирам за какви трошоци за докажување зборуваме. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција работи на предмет поврзан со квалитетот на набавките на мазут и неговото влијание врз здравјето на граѓаните. За вештачење на само еден примерок кое мора да се врши во странство, потребни се 1.500 евра, а треба да се извештачат можеби 300 или повеќе примероци.
Ако треба да зборуваме за учинок, на годишно ниво, минатата година обвинителствата решија околу 20 илјади предмети, а дополнително се постапува и во предистрага и во судска постапка.
Ваквите резултати, во услови кога немаме доволна материјална и кадровска поддршка од државата, се можни само со натчовечки напори на луѓето во јавните обвинителства. Со оглед на недостатокот на кадар, секој вработен во јавното обвинителство во моментов извршува работни задачи за најмалку 4 до 5 предвидени работни позиции.
Оттаму, извештајот на Европската комисија за нас не е изненадување. Сметав дека е потребно да апелирам до вас, уште еднаш да го разгледате предлог-буџетот за 2026 и да ги зголемите финансиите за јавното обвинителство. Средствата кои ние ги бараме не излегуваат надвор од законски предвидените рамки и ни се неопходни за ефикасна работа, потенцираше Коцевски.






