Пекинг ги ескалира тензиите со Токио: Кинески воени бродови навлегоа во јапонските води

Формација бродови на кинеската крајбрежна стража поминаа низ водите на островите Сенкаку во неделата на „патрола за спроведување на законот“, соопшти кинеската крајбрежна стража, додека Пекинг ги ескалира тензиите со Јапонија поради забелешките на нејзиниот премиер за Тајван. Дипломатскиот спор меѓу Кина и Јапонија ескалираше откако јапонската премиерка Санае Такаичи му рече на парламентот на 7 ноември дека хипотетички кинески напад врз демократски Тајван би можел да предизвика воен одговор од Токио.

Забелешките предизвикаа лут одговор од Пекинг, кој сигнализираше дека очекува Такаичи некако да ги повлече. Кина го смета Тајван за своја територија и не исклучува употреба на сила за да ја преземе контролата врз островот, кои се наоѓа само 110 км од јапонската територија. Тајванската влада ги отфрла тврдењата на Пекинг за суверенитет.

„1307-та формација на кинеската крајбрежна стража вршеше патроли во територијалните води на островите Дјаоју. Ова беше законска патролна операција спроведена од кинеската крајбрежна стража за да ги заштити своите права и интереси“, се вели во соопштението.

Кина и Јапонија постојано се судираат околу островите под јапонска администрација, кои Пекинг ги нарекува Дјаоју , а Токио Сенкаку. Јапонската амбасада во Пекинг не одговори веднаш на барањето за коментар.

Јапонија се соочува со растечки притисок од Кина откако Такаичи ги даде своите забелешки, а кинескиот генерален конзул во Осака коментираше: „Валканата глава што штрчи мора да се отсече“, што предизвика формален протест од Токио.

Пекинг потоа го повика јапонскиот амбасадор за прв пат по повеќе од две години, а кинеското министерство за одбрана изјави дека секоја јапонска интервенција ќе биде осудена на неуспех.

Во петокот, Кина ги предупреди своите граѓани да не патуваат во Јапонија, што го натера Токио да го повика Пекинг да преземе „соодветни мерки“, иако не даде детали. Три кинески авиокомпании изјавија во саботата дека билетите за Јапонија може да се вратат или променат бесплатно.

Во Тајван, министерството за одбрана соопшти во недела наутро дека открило 30 кинески воени авиони кои дејствуваат околу островот и седум воени бродови во последните 24 часа.

Доцна во саботата, министерството соопшти дека Кина спроведе уште една „заедничка борбена патрола“ за „нарушување на воздушниот простор и морињата околу нас“. Додаде дека Тајван испратил свои авиони и бродови за да ја следат ситуацијата. Тајван пријавува вакви кинески патроли неколку пати месечно како дел од она што Тајпеј го нарекува тековна кампања за воен притисок.

Владата на Тајван вели дека само народот на островот може да одлучи за неговата иднина. Јапонските лидери претходно избегнуваа јавно споменување на Тајван кога разговараа за вакви сценарија, одржувајќи „стратешка двосмисленост“ што ја фаворизира и главниот безбедносен сојузник на Токио, САД.

Back to top button
Close