Лојалноста кон Уставот е наша должност, вели Костадиновски по повод 34 години од неговото донесување
Да му бидеме лојални на Уставот, тоа е наша должност, рече денеска претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, во видеообраќањето по повод одбележувањето 34 години од неговото донесување.

На Денот на Уставот, тој упати честитка до граѓаните и ги повика кон негова лојалност и исполнување на својата должност кон татковината.
„На 17 ноември пред 34 години е донесен Уставот на Републиката. Силата на Уставот лежи целосно во посветеноста на секој граѓанин да го штити истиот. Само доколку секој од нас ја чувствува таа должност, уставните права ќе бидат заштитени“, рече тој.
Според него, изградбата на правна држава денес претставува чин на врвен патриотизам и љубов кон сопствената земја, но и најсигурен начин да се зачува заветот на предците и да се обезбеди иднина за наследниците во слободна, демократска и просперитетна држава.
Костадиновски ги повика граѓаните како генерација да ја исполнат нивната должност кон татковината и да му бидат лојални на Уставот.






