Рама симболично пресече торта во Брисел – Албанија го отвори последниот преговарачки кластер со ЕУ
Албанија во Брисел го одбележа почетокот на последниот преговарачки кластер со Европската Унија – земјоделство и кохезија – на седмата Меѓувладина конференција, каде премиерот Еди Рама симболично пресече торта во чест на напредокот. Со тоа,

Тирана за нешто повеќе од една година ги отвори сите шест кластери, што европските претставници го оценија како напредок постигнат со „невидено брзо темпо“.
Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, порача дека денот е историски и за ЕУ и за Албанија, бидејќи покажува дека европската политика на проширување дава реални резултати.
Таа нагласи дека напредокот се должи на „упорната политичка волја на албанските власти, поддршката од земјите-членки и силното учество на граѓанското општество“, додавајќи дека албанските граѓани се тие што ја туркале земјата напред со своите очекувања за промени.
Премиерот Еди Рама оцени дека Албанија денес постигнува нешто што до неодамна делувало недостижно.
„Пред само една година ова беше незамисливо. Поминавме низ години на разочарувања и одбивања, но токму тоа нè зацврсти и ни даде јасна слика за важноста на процесот. Денес стоиме пред нешто што некогаш беше само сон“, изјави тој.
Тирана сега влегува во завршната фаза од евроинтеграциите со амбиција да ги затвори преговорите до крајот на 2027 година. По тоа би следела ратификацијата на договорот во сите земји-членки, а целта на Албанија е полноправно членство во ЕУ во 2030 година.
Албанија стана кандидат за членство во 2014 година. Во меѓувреме, Македонија – која кандидатски статус доби девет години претходно – годинава ги одбележува 25 години во европската „чекална“.






