Глувци имаше насекаде, не само во студентските домови – вели Јаневска по појавата на глодари во „Пелагонија“
Глувци не се појавија само во студентските домови, туку и на други места. Веднаш е направена дератизација и се надевам дека веќе е надминат овој проблем. Ова денеска го рече министерката за образование, Весна Јаневска, одговарајќи на новинарско прашање во врска со појавата на глодари во студентскиот дом „Пелагонија“, пред почетокот на настанот по повод 70 години од Бирото за развој на образованието (БРО).

„Знаете каква беше состојбата во Скопје. Со оглед на тоа што се случуваше, не можам да речам дека е добро, но очекувано е. Веднаш е направена дератизација и се надевам дека проблемот е надминат, како и дека директорот на домот заедно со Градот Скопје ќе преземат уште нешто, зашто во близина на ‘Пелагонија‘ се наоѓаат контејнерите каде што ѓубре оставаат и граѓани од околните згради“,рече таа.
Во врска со поплаките за нефункционалноста во раководството на домот, министерката рече дека таму веќе неколку месеци има нов менаџмент, дека се запознаени со проблемите, но и дека ситуацијата сега е релативно подобрена.
„За разлика од претходниот период, кога студенти секојдневно пишуваа, се јавуваа и бараа, сега таа ситуација е потсмирена и се надевам дека со текот на времето ќе ја доведеме да биде таква како што треба, и со лифтовите и со сè друго“,кажа Јаневска.
Според неа, двата дома што се реконструираат во Скопје, како „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“ ќе почнат да примаат студенти од идната академска година.
Во „Кузман Јосифовски-Питу“ активностите се пролонгирале повеќе од предвиденото заради потребата од дополнително зацврстување на конструкцијата на горните катови, важни за носивоста на објектот.
„Беше увидено дека погорните катови се разликуваат во градбата од подолните спратови. Таму конструкцијата треба да се зајакне со додавање на метални делови, со што би се обезбедила носивоста и на столбовите, но и на плафонот над зградата. Не можеме да си дозволиме при земјотрес или при поголемо оптеретување да ни се случи несреќа. Затоа малку се позабави тој процес. Но, сега се забрза динамиката“, вели минидтерката






