Поранешниот руски премиер Касјанов и економистот Гуриев се најдоа на списокот на „екстремисти и терористи“

Поранешниот руски премиер Михаил Касјанов и водечкиот економист Сергеј Гуриев се вклучени на списокот на „екстремисти и терористи“, објави денес веб-страницата на руската агенција за финансиски мониторинг Росфинмониторинг.

Во ноември 2023 година Русија го прогласи Касјанов и за странски агент.

Касјанов беше премиер во текот на првите четири години од владеењето на претседателот Владимир Путин. Тој беше разрешен во февруари 2004 година, неколку недели пред Путин да биде избран за втор мандат.

Роден е во 1957 година во близина на Москва и влезе во државната администрација на почетокот на 1990-тите, каде што се специјализираше за управување со надворешен долг и финансиска политика.

Во 2000 година, тој стана премиер на Руската Федерација и остана на таа позиција до 2004 година, за време на периодот на раните економски реформи. По неговото разрешување од владата, тој постепено се дистанцира од Кремљ и се вклучи во опозициските иницијативи, учествувајќи во движења и партии кои ги критикуваат авторитарните тенденции на руската влада. Во последните години, тој живее во егзил и редовно коментира за руската политика и војната во Украина.

Гуриев е поранешен главен економист на Европската банка за обнова и развој, а сега е декан на Лондонската бизнис школа. Роден е во Владикавказ, а својата кариера ја изгради во Москва како професор, а подоцна и ректор на престижната Нова економска школа.

Поради притисок од руските власти, тој ја напуштил земјата во 2013 година и продолжи да работи во Европа. Тој бил главен економист на Европската банка за обнова и развој, а потоа професор на Парискиот институт за политички студии (Sciences Po). Од 2024 година, тој ја држи позицијата декан на Лондонската бизнис школа.

Гуриев се занимава со теми како што се авторитаризмот, корупцијата, развојот на институциите и економските последици од политичките режими, поради што често се појавува во јавноста како еден од истакнатите критичари на политиките на Кремљ.

Back to top button
Close