Мерц ја отфрли идејата за малцинска влада

Германскиот канцелар Фридрих Мерц ја отфрли опцијата да управува со малцинска влада поради тензиите во неговата конзервативна партија околу предлозите за пензиска реформа, објави ДПА.

„Според мене, не доаѓа предвид да преземеме таков чекор. Дали некој верува дека во сегашниот Бундестаг ќе можеме да работиме со променливи мнозинства и дека ќе направиме некаква разумна законодавна работа?“, рече Мерц на економска конференција во Берлин.

Неговата изјава следеше по медиумските извештаи дека неговата партија Христијанско-демократска унија (CDU) разгледува сценарио за малцинска влада.

Тензиите се појавија околу предлозите за пензиска реформа што веќе беа одобрени од Мерц и неговите коалициски партнери од Социјалдемократската партија на Германија (СПД). Меѓутоа, предлозите беа отфрлени од младинското крило на ЦДУ. Се предвидува дека 18 пратеници поврзани со младинското крило може да гласаат против реформата, што би го попречило нејзиното усвојување во Долниот дом на германскиот Парламент.

И покрај несогласувањата, германскиот канцелар увери дека коалицијата со СПД сигурно ќе продолжи следната година.

Back to top button
Close