Во ОН во Њујорк е поставен споменик „Цветот на Сребреница“
Во седиштето на Обединетите нации во Њујорк е поставен спомен обележјето „Цветот на Сребреница“ за сеќавање на жртвите на геноцидот извршен од српските воени и паравоени сили во 1995 година.

Споменикот е дизајниран од босанскиот уметник Аднин Хебиб.
На церемонијата присуствуваа претседателката на Здружението „Мајки на Сребреница и Жепа“ Мунира Субашиќ, членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина Денис Бечировиќ и Жељко Комшиќ, како и министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина Елмедин Конаковиќ.
Силите на Армијата на Република Српска во и околу Сребреница во источна Босна и Херцеговина убија 8.372 мажи и момчиња. Повеќе од 25.000 жени, деца и стари лица беа протерани од тогашното заштитено подрачје на ОН. Досега се погребани 6.772 жртви во Поточари во близина на Сребреница.
Повеќе од 50 лица се осудени на вкупно околу 780 години затвор од страна на судовите во Хаг и во регионот за геноцид и воени злосторства во Сребреница.
Меѓу осудените се и воените злосторници Радован Караџиќ и Ратко Младиќ.






