(ВИДЕО) МВР со италијанските Карабинери формира единица за еколошки криминал
„Откриен е опасен отпад – отпадно моторно масло, декларирано како ново масло – во транзит од Иран преку Бугарија и Македонија за Косово. Откриен е радиоактивен цемент на границата меѓу Бугарија и Македонија, со потекло од Турција, како и илегален транспорт на е-отпад од Македонија за Бугарија. Во однос на законските нерегуларности, истите се решаваат со издадени решенија за забрана, решенија со одредени мерки, прекршочни или кривични постапки. Постапка имаше за Вардариште и таа финализираше со три затворски казни изречени од Кривичниот суд. Кривична постапка постои и за нелегално складиран опасен отпад кај една фирма – носител на А-интегрирана еколошка дозвола. Во скопското ОЈО е веќе две години“, објаснува Дарко Блинков, генерален инспектор за животна средина во македонскиот Државен инспекторат за животна средина.
Во Македонија се внесувале и тргувале забранети Ф-гасови, кои спаѓаат во опасен отпад и нелегално се користат за клима-уреди и фрижидери. Тие спаѓаат во материи кои многу ја загадуваат озонската обвивка. Во документот на Бирото за јавна безбедност при МВР – SOCTA 2025, се потврдува дека незаконската трговија со Ф-гасови, која претставува нов тренд во ЕУ, е забележана и на подрачјето на Македонија, пишува Нота.

„Во делот на незаконската трговија со Ф-гасови, во 2023 година реализирани се две истраги против две физички и едно правно лице. Во првиот случај, на рута за криумчарење од Северна Македонија кон Грција, запленети се 2.340 килограми ладилни средства, а во вториот случај, на релација Обединети Арапски Емирати – Грција – Северна Македонија, запленети се 13.640 килограми ладилни средства. (…) Компанијата-увозник од Северна Македонија, инволвирана во вториот случај, во текот на мај и јуни 2023 година била вклучена во две заплени на кокаин, извршени од грчките власти при контрола на три контејнери со банани кои доаѓале од Еквадор. За случајот беа уапсени седум грчки и три албански државјани од страна на грчките власти, а четири македонски државјани беа уапсени од полицијата на Северна Македонија, меѓу кои и управителот на увозната компанија. Против фирмата увозник и нејзиниот управител е поведена кривична постапка. Покрај тоа, на 23.02.2022 година, при излез од државата, припадниците на Царинската управа на Деве Баир реализирале заплена на 61 боца со Ф-гасови“, стои во документот на Бирото за јавни набавки.
Овој пример на шверц на дрога и отпад, како и другите подолу во текстот, ја покажуваат поврзаноста на различните видови шверц со шверцот со отпад.
„Видете, она што криминолозите специјализирани за еколошки криминал го велат е дека трговијата со отпад и еколошкиот криминал не е независна гранка. Таа ги користи истите патишта и истите мрежи каде што се тргува, да речеме, и со наркотици или други нелегални трговски зделки. Така што, доколку се имаат информации за овие нелегални активности, многу лесно може да се дојде до информации и за трговијата со отпад“, објаснува екоактивистката и поранешна директорка на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петровска.

Во документот „Проценка на закани од сериозен и организиран криминал (SOCTA) 2025“, за борбата со организираниот и сериозниот криминал во периодот 2026–2029, објавен од македонското Биро за јавна безбедност во јуни годинава, стои:
„Идентификувани се седум високо ризични криминални мрежи, кои делуваат меѓународно и на подрачје на Северна Македонија. Дел од организираните криминални групи, како и дел од македонските државјани со профил од висок ризик, се инволвирани и делуваат во меѓународна трговија со кокаин, кој се движи од Јужна Америка до Европа. (…) Во меѓународните мрежи, кои минуваат низ нашата земја, присутни се и други форми на транснационален криминал, како што се трговијата со луѓе, нелегалниот транспорт на оружје, перење пари и криминал против животната средина и културното наследство“.
Шверцерите од Македонија соработувале со шверцери од соседството, но и од Западна Европа.

„Членовите на мрежите се македонски државјани од албанска и македонска етничка припадност, кои соработуваат со странски државјани – најчесто албански, српски, црногорски, турски и бугарски државјани. (…) Македонските мрежи соработуваат со криминални структури од земјите во регионот, но и пошироко – Турција, Италија, Германија, Швајцарија и земји од Јужна Америка“, информира Бирото за јавна безбедност.
Во документот се наведува и друг пример за поврзаноста на отпадот со шверцот на дрога, без наведен датум: на граничниот премин Богородица, во приколка меѓу легалната стока – отпадна хартија – биле пронајдени и одземени околу 400 килограми марихуана, набавена од Косово, која требало преку Грција да се пренесе во Турција.
Годинава во февруари, како и во октомври 2017 година, на гранични премини во Македонија е откриена марихуана сокриена во отпадна хартија за рециклирање, внесена од Косово


За конвергенцијата на криминалот – односно меѓусебното поврзување на различни криминални активности – во Белград разговаравме со Нена Милорадовиќ-Бјелица, која 14 години како виш обвинителен помошник се занимава со еколошки криминал. Во јануари 2025 година е избрана за јавен обвинител. Таа вели дека отпадот се увезува и минува низ Србија со лажни декларации.
„Нелегалните активности поврзани со организираниот криминал се трговијата со луѓе, трговијата со наркотици и трговијата со оружје, а отпадот и трговијата со диви видови претставуваат четврти најпрофитабилен облик на илегалните криминални дејности на организираните криминални групи. И тоа е неспорно утврдено. Имаше извештај на ЕВРОПОЛ и извештај на ИНТЕРПОЛ дека тоа е четвртата најлукративна дејност во нелегалната трговија и дека постои облик на префрлување меѓу тие нелегални дејности. Ако е во тек акција за откривање дрога, тогаш ќе шверцуваат оружје, или ќе се занимаваат со трговија на луѓе, или со трговија со диви видови и со трговија со отпад“, вели Нена Милорадовиќ-Бјелица и додава:

„Тоа се генерално истите структури. Некој можеби е специјализиран за отпад. Знаете дека на југот на Италија мафијата тргува со отпад. Тоа е неспорно. Во еден град таму беше откриен голем случај на заболување деца од канцер. Камора на југот на Италија, во градови кои постојат уште од времето на Рим, закопувала во близина на депониите опасен, канцероген отпад. Децата играле таму затоа што депонијата е близу населено место. Со текот на времето малите деца почнале да заболуваат и никој не знаел зошто – сè додека не се земале примероци од земјата и не се утврдило дека таму, во последните 20–30 години, биле одложувани огромни количини опасен отпад“.
Во Италија од 1986 година постои посебна полициска единица за борба со еколошки криминал. Српското МВР има таква единица од 2022 година. Таа има специјализирани инспектори и три отсеци – за природа, за загадување и за отпад. Во блиска иднина, во соработка со италијанските карабинери, таква единица треба да се формира и во македонската полиција – која ќе работи и на криминал поврзан со културното наследство.

„Проектот има две компоненти – за јакнење на институционалните капацитети за борба против кривични дела со културното наследство, и компонента за кривични дела против животната средина. (…) Во рамки на проектот се планира формирање на специјализирана истражна единица во МВР, насочена кон истраги за кривични дела поврзани со злоупотреби со отпад и загадување на животната средина. Дополнителни информации за бројот на припадниците и времето кога ќе почне со работа ќе бидат соопштени по завршување на организациските и кадровските подготовки“, информира македонското Министерство за внатрешни работи.
Европол годинава даде проценка дека засилената нелегална трговија со отпад во следните три години ќе бележи раст во обем и софистицираност, наведувајќи пример од Хрватска:
„Криминална мрежа оркестрирала нелегален увоз на опасен отпад од Италија, Словенија и Германија во Хрватска. Наместо правилно да се третира и отстранува, отпадот бил едноставно закопан или фрлен на најмалку три локации. Со отстранување на медицински или опасен отпад во Хрватска, без каков било третман, криминалната мрежа ги заштедила трошоците и ја присвоила разликата. Се проценува дека најмалку 35.000 тони отпад биле нелегално отстранети на овој начин, генерирајќи најмалку четири милиони евра профит“, стои во извештајот на Европол за Проценка на заканите од сериозен и организиран криминал.



Српската обвинителка контактирала со хрватска колешка за овој случај, но и за откриени закопани мешани отпади во буриња во Србија, како и за отпад оставен во напуштени фабрики. Добила совет државата отпадот да не го одзема трајно.
„Таа рече дека сè е тоа одлично што го откриле, но најлошото е – кој ќе го отстрани и уништи тој отпад? Тој и понатаму стои на местото каде што е пронајден“, вели Милорадовиќ-Бјелица и додава: „Кога ќе го одземете привремено, сторителите знаат дека нема да платат милионски суми за негово згрижување. А кога некој им нуди пари да го прошверцуваат од точка А до точка Б и да го закопаат, можеби ќе ги фатат, можеби не. Тоа делува стимулирачки. Но ако сторителот знае дека ќе биде осуден и дека судот ќе му наложи тој да го отстрани отпадот, дали следниот пат ќе прифати таква работа?“
Таа додава дека во Србија се увезува отпад со лажни декларации и така минува низ земјата. Здружението на обвинители летово објави истражување што покажува дека многу малку одговорност се утврдува за нелегалните активности со отпад.

„Утврдивме дека помалку од 10 проценти од предметите што ги работи Обвинителството се поврзани со еколошки криминал. Од тие околу 10 проценти, главно седум проценти се против непознати сторители, а само три проценти се процесуираат во претходна постапка, кога се собираат докази против одредени лица или се истражуваат дела против непознати“, објаснува таа и додава пример од Обреновац:
„Во последните осум години, во Србија пронајдовме повеќе локации каде лица закопувале отпад, за кој не можеше да се утврди од која природа е. Отпадот бил складиран во пластични и метални буриња; при вештачење е утврден мешан опасен отпад од индустријата. Не се утврди дали е внесен во Србија или не. Соседите ги пријавиле бидејќи ноќе се слушало копање. Со снимање од воздух била утврдена локацијата. Пронајдени се над 80 тони отпад. Главниот извршител доби четири и пол години затвор и парична казна.“
Имале случај и кај Панчево со правно лице – едно лице избегало во Романија, друго, кое го затрупувало отпадот, е уапсено. Таму биле пронајдени над 300 тони опасен отпад. Во Нови Сад, во стара фабрика, биле пронајдени големи количини хемиски отпад; фабриката била во стечај и не се знаело потеклото.

„Собираат опасен отпад од различни индустрии и го мешаат за да не може да се утврди потеклото – дали е од хемиска индустрија, нафтена, или друга машинска индустрија. Намерно го мешаат и складираат во буриња или големи пластични контејнери, сокривајќи го неговиот траг“, објаснува српската обвинителка.
Проблемот со овие хемикалии е во нивното постојано кружење преку ланецот на исхрана.
„Јас, бидејќи се занимавам со оваа специфична област, сакав да ги прашам хемичарите – што значи тоа вечни хемикалии? Тоа се одредени видови на хемикалии, коишто ја менуваат својата структура, но никогаш не можат да се уништат. Или ќе бидат во еден облик, или во друг облик. Но, тие кружат низ водата, а ние водата ја пиеме, потоа ни паѓа дожд, се загадуваат реките и земјиштата, од земјиштата јадеме одредени намирници, а животните, што ги јадеме, пасат и пијат вода со сето тоа. И, така тие хемикалии постојано кружат и не можат да се уништат. Затоа сите треба да имаме засилена претпазливост“, нагласува Милорадовиќ-Бјелица.

Во документ на ЕВРОПОЛ од 2022 година се нагласува дека криминалните мрежи на ЕУ сè повеќе се насочени кон Централна и Источна Европа за трговија со нелегален отпад произведен во Западна Европа. Македонското Биро за јавна безбедност укажува дека се забележани „елементи на системска и висока корупција, која продира во безбедносно-економскиот систем. Дел од криминалните структури успеваат да се инфилтрираат во државните институции, каде го зголемуваат своето влијание, вршат злоупотреба на овластувањата и ја попречуваат правдата и владеење на правото“.
Автори: Александар Методијев и Сузана Мицева
Соработник: Сања Петров
Изработката на овој текст, и на документарно-истражувачкиот филм „Нелегалните патишта на отпадот“, е поддржана од Journalismfund Europe.






