Апасиев поднесува кривична пријава против ДКСК

Пратеникот Димитар Апасиев денес објави дека поднесува кривична пријава против ДКСК.
– Јас си стојам на Зборот. Затоа, денес поднесов кривична пријава за „Повреда на рамноправноста на граѓаните“ против членовите на Прекршочната комисија при Антикорупциска, за кои надлежен стручен орган утврди дека извршиле директна дискриминација врз мене (со ускратување на уставно загарантираното право на учество во постапката и правото на правен лек), објави Апасиев на Фејсбук.
Повод е тоа што Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди директна дискриминација врз пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев, сторена од страна на Државната комисија за спречување на корупција поради неуредна и невоедначена достава и ускратување на уставно загарантираното право на правен лек.
По јавно изнесените факти за непријавените фирми на синовите кои добивале милионски средства од партиски каси, оставка поднесе антикорупционерката Цвета Ристовска. Дополнително, претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска, поднесе оставка по предлог за разрешување доставен до Собранието од страна на Левица. Во конкретниов случај, ДКСК му изрече прекршочна казна на Димитар Апасиев за наводно неподнесен анкетен лист, без притоа да му биде доставено решение и без истото да биде објавено на официјалната веб-страница, како што тоа изрично го налага законот. Со ваквото постапување му е ускратено правото на правен лек, што претставува директна дискриминација.
Извор: fokus.mk






