(ВИДЕО) 2.198.502.007 килограми отпад увезени во Македонија во минативе десетина години

Според македонскиот Државен завод за статистика, во земјата меѓу јануари 2015 и август 2025 година легално се увезени околу 2,2 милијарди килограми отпад. Од тие количини, најмногу отпад е увезен во 2017 година. Пораст се забележува и во последните две години, пишува Нота.

 

Под царинскиот код за електричен, електронски отпад и отпад од акумулатори, од 2015 до август 2025 година се увезени над 46 милиони килограми. Најчесто ваков отпад се увезувал од Косово, Албанија, Србија и Бугарија.

Сепак, најголем дел – речиси две милијарди килограми – е увезен под царинскиот код за „други отпадоци и остатоци“. И тука Бугарија, Србија и Косово предничат во извозот на отпад кон Македонија.

Вкупни увози на отпад 2015-август 2025

Што сè влегува во Македонија, коешто можеби не влегува под графата ‘енергенс’, ‘отпад како енергенс’, не можеме да тврдиме и не можеме да гарантираме. Затоа што има еден сериозен проблем – меѓуинституционален – неусогласена терминологија и номенклатура за видовите на отпад. Имено, во Министерството за животна средина се води отпадот по три номенклатури, на три листи. Две се како различни шифри, зависно од тоа според која европска конвенција за отпад се систематизирани. А, третата листа е според потребите на Царина. Таа е листа со тарифни броеви. Под една номенклатура, под една шифра или тарифен број ќе го увезе некој надворешен добавувач отпадот. Овде ќе го заведат на Царина под некаков тарифен број, за којшто ќе речат: Да, ова одговара на тој тип отпад. Во нашето министерство ќе издадат дозвола, можеби, по некоја од листите што се со шифри за дозволен отпад, но во сето тоа има поголеми или помали неусогласености и тоа може практично да предизвика голем проблем или голем влез на непосакуван отпад во државата. И, тука е сомнежот“, нагласува поранешната пратеничка и екоактивистка, Лилјана Поповска и додава:

Лилјана Поповска

Од сето она што можевме да го дознаеме како екологисти, една од игрите околу отпадот е во играта со тие различни номенклатури“.

Според податоците на ЕУРОСТАТ, од 2015 до 2024 година од Европската Унија во Македонија се увезени 808.977.551 килограми отпад. Тој отпад чинел 304.016.796 евра. Во Македонија е забрането внесување отпад како енергенс.

Го поднесов Законот за отпад во делот за забрана на увоз на отпад како енергенс. Причината беше што тоа беше едно зимо и имаше големо загадување во Скопје и посебно од големи објекти, коишто беа големи загадувачи, за коишто се доби информација дека согоруваат на големо отпад, којшто е влезен како РДФ, како неутрален отпад. Но, всушност тоа е отпад за којшто вие никогаш не знаете што има во него, бидејќи ние немаме акредитирана лабораторија за отпад, па да можеме да знаеме, да се проучи што има во секоја пратка отпад што се испорачува“, објаснува екоактивистката Поповска и додава:

„Бајаги е стегната работата, меѓутоа сѐ уште има пукнатини, штом гледаме и слушаме дека сѐ уште се провлекуваат некои работи. И затоа е практично таа нелагодност кај нас како ектоактивисти кога ќе слушнеме дека се планираат некакви увози на отпад. Никогаш не сме сигурни дали системот ќе биде доволно отпорен и да не попушти пред некоја крупна или ситна корупција, можеби пред некое незнаење и да ни се протне нешто што не би сакале“.

Струмичкиот екоактивист Ѓорѓи Танушев гледа проблем во работењето на Царината, која треба да биде бариерата за нелегалниот транспорт на отпадот.

„Во Ексим-системот на Царина можеш сѐ да декларираш. Но, како е навистина на терен треба да отворите, да видите, да сте експерт за таа работа и да знаете. А, јас се сомневам дека е тоа можно, затоа што нашите инспектори немаат ниту основни алатки за мерење. Кој тебе ќе ти брца во камионите со отпад, па да знае што е, како е, па да го проверува. Не, тоа само поминува, оди каде што треба да оди и тука завршува сѐ“, оценува Танушев.

Камион контејнер

© Adobe Stock

Во Македонија постоеше намера за редовен увоз на италијански отпад, преку фабрика за рециклирање во Гевгелија. Но, таа намера беше спречена по протестите на жителите пред пет години. Отпадот требаше да се носи во околина на фабрики за производство на храна.

Се работеше за увоз на отпад од Италија. Значи не наш отпад, туку увоз на отпад од Италија во количина од 250 до 300.000 тона годишно – комунален и индустриски отпад. Каква е таа количина? Ќе ви кажам дека Гевгелија и гевгелиска општина на годишно ново произведува некаде околу 20.000 тона отпад – комунален и индустриски. Значи, не е ни една десетина. Додека Македонија на годишно ниво произведува некаде околу 800.000 тона. Замислете, тоа половина отпад што го имаме во државата, што го продуцираме секоја година, требаше да го увезуваме од Италија  во оваа таканаречена фабрика да се само селектира и потоа во форма дали на спакувани бали, дали во форма на чипсови или не знам што да се транспортира до потрошувачите“, објаснува Ангел Наков од „Спас за Гевгелија“.

Ангел Наков, Спас за Гевгелија

Поранешната директорка на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петровска, вели дека не успеала да убеди ниту еден инспектор да направи контрола на увоз на отпад, посебно кога постоел ризик.

„Мала земја сме, мали ресурси, мала политичка поддршка – ете, тоа е тоа“, вели Петровска.

На 19 Август годинава испративме барање за слободен пристап до информации до Царината. Како и при други истражувања и овој пат Царината не одговори на барањето. Прашавме дали двата сектори за посебни истражни мерки и за контрола и истраги во минатите десет години имаат откриено обиди за нелегален внес на отпад во Македонија и доколку откриле, за што се работело и кои фирми биле вмешани. Од оваа институција не добивме одговор ни како се прават контролите на легално увезениот отпад.

Автори: Александар Методијев и Сузана Мицева

Овој текст, прекуграничното истражување и изработката на документарно-истражувачкиот филм „Нелегалните патишта на отпадот“ беа направени со поддршка на Journalismfund Europe.

Back to top button
Close