(ВИДЕО) Што имаше во рајот за отпад во Визбегово пред и по пожарот?
Еколошкиот криминал во Македонија има добиено димензија на сериозен криминал и спаѓа меѓу најсериозните по тежина кривични дела, ни објаснија во Јавното обвинителство. Во оваа институција велат дека постојат индиции за меѓународен пат на отпадот и затоа овој криминал ја има добиено таа димензија. Докази сѐ уште нема, бидејќи сторителите на кривичното дело имаат право да лажат во постапката, да не откријат од каде им е отпадот и да не одговараат за лажно сведочење. За лажно сведочење одговараат сведоците во постапката. Обвинителите се обидуваат преку документацијата на фирмите да ја извлечат таа поврзаност, пишува Нота.
© МВР
„Веќе сме во фаза на испитување на конкретните последици во водата и почвата. Ќе се компарираат добиените податоци и веќе во финална фаза ќе излеземе со конкретни податоци за тоа што конкретно горело и што точно таквото горење испуштило и кои се последиците од истото. На некој начин пожарите беа индиректна причина за ние да откриеме што всушност се случувало на таквите отпади. Како што ви кажав и претходно, се наоѓаме во една сензитивна фаза, ја обезбедуваме целокупната документација и работиме на конкретно откривање на отстапките, коишто кај овој отпад се констатирани“, објаснува јавната обвинителка Елена Жакула.
Во однос на депонијата Вардариште, за раслика од случаите во Визбегово и Трубарево, се работи за активности со отпад без поседување на фирма.
„Работиме на откривање на секој можен потенцијален сторител, којшто на ваков начин ќе се обиде да селектира отпад и со тоа да предизвика загрозување на животната средина, особено на здравјето на граѓаните. Како Обвинителство правиме секакви напори да се утврдат сите индивидуални одлагачи – незаконски, на отпад на оваа депонија и да ги неутрализираме“, нагласува обвинителката Жакула.
Проблемот во Македонија е што не постои лабораторија, којашто ќе ја утврди причинско-последичната врска која доведува до екоцид.

Според македонскиот Државен завод за статистика, во земјата меѓу јануари 2015 и август 2025 година легално се увезени вкупно 2.198.502.007 килограми отпад. Од тие вкупни количини најмногу отпад е увезен во 2017 година. Пораст се забележува и во минатите две години. Под царинскиот код за електричен, електронски и отпад од акомулатори од 2015 до август 2025 година се увезени над 46 милиони килограми отпад. Најчесто таквиот отпад се увезувал од Косово, Албанија, Србија и Бугарија. Сепак, најголемите количини отпад, или скоро две милијарди килограми, се увезени под царинскиот код за „други отпадоци и остатоци“. И тука Бугарија, Србија и Косово предничат во извозот на отпад кон Македонија.
Овој текст, прекуграничното истражување и изработката на документарно-истражувачкиот филм „Нелегалните патишта на отпадот“ беа направени со поддршка на Journalismfund Europe.





















