СТРАВ ДА ТЕ ФАТИ
м-р. Глигор Стоименов

Во годините зад нас, во целиот овој период од независноста на нашата држава сме виделе во политиката се и сешто, но овој пат страв да те фати! Овој начин на водење на нашата официјална политика може слободно да се нарече “политичка патологија“, за која треба сериозно да се подзамислиме сите заедно! Да се подзамисиме убаво за нашата иднина и за иднината на нашите деца!!
Каде не води оваа политика??
Кога ќе видиш на што све се спремни да направат само поради политички рејтинг, страв да те фати?
Замислете сега, во време кога Албанија го отвора последното поглавје во преговорите со ЕУ и широко ја отвора вратата кон полноправно членство во ЕУ а ние го добивме до сега најлошиот Извештај за напредокот на нашата земја, кога на официјалната листа на европските земји сме четврта по ранг најслаба економија во Европа, кога имаме најниска просечна плата во регионот, најниска минимална плата, народ оставен сам на себе да се бори против високите цени и бизнис олигархијата, кога имаме најмалку странски инвестиции од осамостојувањето до денес, назадување во сите сфери, силна партизација и негативна селекција на кадри невидено до сега, голем пад на квалитетот на образованието, нерешени најважните стратешки прашања како ова со отпочнување на преговорите со ЕУ, кога губиме огромни пари од ЕУ поради слаба реализација на Реформската агенда, губиме огромни средства од ИПАРД програмата поради тоа што не фатија “живи во корупција“, покрај сите овие турбулентни настани, одговорот на оваа политичка гарнитура е една силна пропаганда и пи-ар, ништо друго не ги интересира.
Наспрам сето ова тие ни понудија да се восхитуваме од чистење на улиците на главниот град! Страв да те фати!
Тоа е политичка патологија.
Ова да бидеме искрени не сме го гледале од ниту една влада до сега.
Да точно е, како најголем успех ни го понудија чистењето на улиците на главниот град. Видовме сите минатиот пат што се случуваше со она свечено дефиле за чистење на Скопје, сето тоа беше во функција на оваа пропаганда.
Па истата таа “Коалиција против Скопје“ која беше формирана пред две три години, тие исти луѓе, иста екипа, истиот Совет на град Скопје, истите приватни и партиски автопревозници, сите тие беа заедно во таа “Коалиција против Скопје“! Тие можеа да го исчистат градот и да се организираат кога сакаат во изминатите години, но поважна од се беше оваа пропаганда!
Сега да биде тоа ами како?? Немаше смисла да се малтретира Скопје и неговите граѓани!
Абе страв да те фати на што све се спремни!
Почитувани, како би можеле да се наречат поинаку освен “политичка патологија“ оние “бизарни“ прес конференции што ги држат секој ден каде што експлицитно бараат од раководството на опозицијата да си заминеле затоа што биле слаби и ја уништувале партијата, инаку на нив им требало силна опозиција, “демек“? Делуваат како да се работи за некоја силна фракција во опозицијата, абе што нема да им текне! Ова се смешни и непродуктивни изјави па сега и “просечно глуп“ човек ќе се праша што се случува? Па ако се толку слаби зошто бараат да си заминат, тоа би им одговарало на владејачката партија? Напротив, мислам дека опозицијата е на добар пат штом овие толку врескаат секој ден!
Страв да те фати и кога го слушате претседателот на државата како го толкува Извештајот на ЕУ на еден чуден начин што никој жив не може да го разбере а верувам ниту таа самата! Па така слушнавме едно јасно и недвосмислено несогласување со начинот на кој Европската Комисија ги изготвува извештаите! Имено според нашата претседателка Европската комисија треба да ја промени методологијата на изготвување на извештаи, затоа што било потребно и “евалуација на евалуаторот“, требало да преговараат со нас кога ги прават извештаите а не само на памет да пишуваат. Ете и во Брисел ќе научат нешто од нашата претседателка!
Инаку сум имал можност до сега два пати да присуствувам на состанок во Европската Комисија во Брисел и да ги слушнам директно од прва рака луѓето кои учествуваат во изготвувањето на Извештаите за нашиот напредок. Таа методологија е иста со децении, се работи за темелен пристап каде што преку цела година се собираат информации од нашите институции и тука нема никакви нејаснотии. Се изненадив од тоа колку детално овие луѓе се запознати со нашите прилики во секој сегмент од политичкиот живот. Па дури и со некои обични инциденти кои се случиле. Извештаите на ЕУ се често и преблаги во своите оценки во одредени сфери затоа што секогаш сакаат страната апликант да биде на некој начин охрабрена, бар така ме информираа овие експерти од администрацијата на Европската Комисија.
Токму затоа се прашувам, што е тоа што не и е јасно на нашата претседателка? Какво е тоа време на “војни во Европа“ а не било време на реформи?? Ништо не разбирам, ајде да седиме така и ништо да не правиме зошто било време на војни!!!
Инаку сериозно ме замисли изјавата на премиерот во врска со ситуацијата во правосудството каде што тој со една голема вознемиреност поставува контра прашање, како било можно сите заедно, судии и обвинители да го нападнат, со писмо?? Како е можно во демократско општество да се пишува критика до премиерот од страна на судската фела? Истите тие кои цела година се газени и понижувани јавно од иста адреса, сега замислете се осмелиле да му одговорат со писмо, немам коментар но само ќе кажам страв да те фати од тоа каква е перцепцијата околу демократските правила на игра од нашите најодговорни луѓе.
Токму затоа минатиот пат напишав дека ова е голем “историски хендикеп“ за оваа земја да ја има оваа политичка гарнитура на власт во вакви сложени времиња, како на домашен така и на меѓународен план! Па замислете треба уште и тешки одлуки да донесат, тешко нам!!
Инаку како да не Ве фати страв од оваа “политичка патологија“ кога не сакате да видите нешто што сите го гледаат, тоа е отворањето на последното поглавје во преговорите на Албанија со ЕУ. Освен тоа да бидете ироничен и полн со презир околу тоа затоа што вас не Ве бива. Бар да упатеа честитки до соседната земја за нејзиниот напредок. Ама не, сега измислија нова мантра, ќе влезе Албанија во ЕУ ама малку ќе влезе не многу, односно немало да влезе како полноправен член. На крајот на краиштата нека влезе ама “ние сме подобри“! Абе ние веќе за жал од никој не сме подобри, Косово е пред нас! Овде навистина нема веќе што да се коментира.
Македонските граѓани го видоа она што сите го гледаат и нема поголема шлаканица за сите оние кои едноставно ни тврдеа дека Албанија никогаш нема да влезе во ЕУ! Некој за жал се уште ги лаже граѓаните дека ЕУ не нејќе! Се уште ги лаже за некакви гаранции, за одбрана на идентитет, за национални интереси, за што се не?? Па има ли поголем национален интерес во моментов од нашата интеграција во ЕУ?
Некој ги лаже ама ние кажувавме, пишувавме, докажувавме, па сега кој бил во право нека видат сите!!






