На Украина и се потребни цврсти безбедносни гаранции и одвраќање на агресорот

Секое решение за Украина мора да обезбеди заштита на нејзините граѓани, враќање на нејзиниот територијален интегритет и одвраќање на агресорите, изјави Руслан Стефанчук, претседателот на украинскиот парламент, Врховната рада, по средбата со американскиот секретар за копнени сили, Даниел Дрискол, денеска во Киев.

„На Украина ѝ се потребни праведен мир, сигурни безбедносни гаранции и ефикасно одвраќање на агресорите“, рече Стефанчук во објава на Фејсбук по средбата. Тој нагласи дека првата посета на функционер од ова ниво на Украина по повеќе од 25 години е важен сигнал во време кога Русија „води брутална и непринципиелна“ војна.

Стефанчук, исто така, изрази благодарност до американскиот претседател Доналд Трамп за неговата намера да постигне мир.

„Украина ја цени поддршката од Соединетите Американски Држави и со нетрпение очекува понатамошни чекори што ќе ја зајакнат нашата одбрана и ќе ја зголемат заштитата од руска агресија“, заклучи Стефанчук.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера потврди дека е подготвен да соработува со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп на нејзиниот нов план за мир во Украина.

Зеленски во објава на Телеграм изјави дека украинските и американските тимови ќе работат на мировен план од 28 точки за завршување на војната. Според американскиот „Аксиос“, планот предвидува големи отстапки од Украина, вклучително и предавање на териториите што моментално ги контролира Русија.

Сепак, наместо целосно да го отфрли, Зеленски, според американскиот портал, се согласил на преговори, а неговиот кабинет изјавил дека очекува да разговара со претседателот Трамп во наредните денови

Back to top button
Close